Дизајнерските претставувања за сезоната есен-зима 2015/16 на модната недела во Њујорк завршија вчера со ревијата на американскиот креатор Марк Џејкобс, кој претстави колекција полна со раскош и гламур, ама низ призмата на гранџ и готика. Во новите креации дизајнерот оддаде почит на славната модна уредничка Дајана Вриленд, па оттаму колекцијата ја претстави во огромна „црвена соба“, реферирајќи на омилената боја на Вриленд со која беше обоен нејзиниот дом. Ревијата започна со серија креации со ограничена силуета, потоа продолжува со кроеви карактеристични за 40-тите години, а забележавме и микс на бои и текстури, пачворк и крзно, палта и фустани украсени со кристали, цветен дезен и животински принт, чанти со ретро изглед и чевли со коцкасти потетици. Впачатлива беше и фризуара и шминката на манекенките, со необична пунџа над челото и темно обоени усни. Моделите на Марк се наменети за жени кои се моќни, елегантни, софистицирани, но ексцентрични, токму на Вриленд. Ревијата ја посетија повеќе познати личности и пријатели на дизајнерот како Деби Хари, Софија Копола и Кристина Ричи.
Нема коментари