Лондонскиот моден бренд KTZ зад кој стои македонскиот дизајнер Марјан Пејоски за првпат се претстави на Њујоршката модна недела со колекција за есен-зима 2015/16 во која има забележителни референци на фолклорот на американските Индијанци. На вчерашаната ревија во Њујорк KTZ прикажа смели и неапологетски дизајни, токму она што се очекува од креативниот провокатор Пејоски, осмелувајќи се да се осврне на културата на американските староседелци. Ова е една деликатна тема која предизвикува бурна реакција кај јавноста и иднијанската заедница која не ја одобрува употребата на референци, шари и преземање на директна инспирација од културата на индијанските племиња. Во модата тоа е како забранета тема.
Но Пејоски не се плаши од шокантни модни „изјави“, вметнувајќи овојпат дури и карикатурални слики во дизајнот. Тргнува од идејата да претстави колекција што ја слави „исконската, автохтона жена која живее на оваа земја“, која што еволуирала во сексуалиризана и еманципирана жена. Новите креации на KTZ се богати со графички елементи и живописни бои. Колекцијата почнува so зимски јакни, здолништа и елеци поставени со крзно во природни тонови, а со секој нареден модел дизајнерот вметнува сè повеќе шари, племенски принт, креативни детали и индијански накит. Колекцијата се развива во потемни нинајсни, со доминација на црната боја, а во финишот се претставени тесни кожени фустани и блузи кои може лесно да се вметнат во стилот на современата урбана жена.
Марјан Пејоски имаше ревија во преполнета сала на Милк Студиос и предизвика големо внимание, а интернет просторот почна да бруи за смелоста да се третира наследството на Индијанците, па се појавија изјави кои го напаѓаат дизајнерот, ама и позитивни критики и нови обожаватели. Вупи Голгдберг седеше во првиот ред на вчерашната ревија, а веќе утринава во емисијата The View носеше креација од новата колекција на KTZ. (K.T.)
Нема коментари