Кога ќе помислите на брендот „Версаче“ веднаш добивате асоцијација на сексапил. Токму сексапил е главниот предзнак на новата колекција на висока мода на „Версаче“ за пролет 2015 што беше претставена вчера на Париската недела на висока мода. Според Донатела Версаче колекцијата го истражува веќе зацртаниот дизајнерски код на брендот – различни верзии на провокативни, кривулести изрези и нагласување на облините преку провокативни припиени кроеви. Според дизајнерката исклучително е важно да се прослави жената што ја носи облеката, а не самата облека, а севкупниот впечаток треба да е спој на експерименталност и елеганција. А токму експериментирaњето и елеганцијата се сржта на современата висока мода. Донатела понуди веќе видена „Версаче“-приказна, а некои ѝ забележаа дека одредени сегменти ги ископирала од туѓи колекции. На ревијата на „Версаче“ се појавија две супермоделки од 90-тите години, Амбер Валета и Ева Херцигова, кои изгледаа прекраснo и им се придружија на новите супермодели од рангот на Карли Клос. Меѓу гостите најголемо внимание приvлекоа мајката и ќерка холивудски актерки Голди Хоун и Кејт Хадсон. Кејт се појави во црвен провокативен фустан токму од оваа колекција.
Нема коментари