Џорџо Армани пред десет години ја лансира својата линија на висока мода наречена Armani Privé која во потполност ја следи естетиката од главната линија што ја дизајнира веќе 40 години, но сепак секое претставување носи одредена свежина. Италијанскиот дизајнер е еден од ретките што не отстапува од својата креативна визија, а успева да остане на врвот и да не го понесе трката за слепо следење трендови.
За колекција на висока мода за сезоната пролет 2015 Армани инспирација најде во бамбусот кој го вметна како реквизит на модната сцена која изгледаше како футуристичка бамбусна шума. Бамбусот како мотив повлекува принт на оваа растение распослан на повеќето креации, но допира и референци на Далечниот исток во миксот на класична Армани силуета со источноазиски стилови на облекување како кимоно ракави и оби појаси. Џорџо вметна и доста свила, едноставни палта без крагњи, широки панталони и деликатни фустани од шифон во смирена палета на бои.
Но, и покрај очигледните азиски влијанија, оваа колекција е вистинска студија во текстури и ткаенини. Дизајнерот игра со богато украсен шифон, накитен со светки кои се во контраст со свилените принтани материјали. Деталите од пердув придонесуваат за нежно движење на креациите, некои модели добиваат чудесен волумен поради слоевите свила, а други пак се направени од прецизни набори во стилот на оригами. Една комбинација дури е довршена со околувратна наметка која изгледа да сте наметнале некој необичен растителен вид земен директно од дождовните шуми. Сосема егзотично! (K.T.)
Нема коментари