Екстремноста, сексуалната енергија и фетишизмот се чини дека се главните теми на машките колекции за пролет–лето 2016 што деновите се прикажуваат на Лондонската модна недела, а во поблага форма во таа насока е и новата колекција на брендот KTZ. Креативниот директор на брендот базиран во Лондон, македонскиот дизајнер Марјан Пејоски, на вчерашната ревија се повика на „безкрајните можности“ на младите кои карактерот и личноста ги градат според безбројните искуства. Пејоски продолжува да истражува што ги означува младите од супкултурните кругови и овојпат прикажува моден микс од геометриски панели, идеја за хибридно облекување, транспарентни материјали, колор-блок комбинации, волуменозна силуета, неконвенционална текстура и мотив на баркод. Една од инспирациите на Марјан е кибернетичката скулптура Метропоплис II на Крис Барден, што на колекцијата му даде хиперфутуристична нота, а при крајот од ревијата се забележуваат неколку сребрени модели од материјал за хидроизолација и наметки направени со деконтрукција на опрема за екстремни спортови, мото-трки и за падобранство. Една од најслините страни на брендот е експресивниот стајлинг, можеби една од причините што KTZ најде свое место во клупската сцена.
Нема коментари