Модната куќа Фенди започна ново поглавје и во Париз ја претстави прата колекција на висока мода која што ја потпишува новиот креативен директор Ким Џонс. Тој е третиот дизајнер кој креира за италијанскиот бренд, после Карл Лагерфелд и Силвија Вентурини-Фенди. Тој исто така никогаш порано не правел женска облека, па ревијата на Фенди е историска и модната публика со нетрпение го очекуваше дебито на Џонс кај Фенди.
А поддршка на ревијата Џонс доби од армија познати личности кои учествуваа на ревијата – неговата блиска пријателка познатата манекенка Кејт Мос и нејзината ќерка Лајла Грејс, супермоделите Наоми Кембел и Кристи Тарлингтон, потоа Бела Хадид и Кара Делевин, односно познати манекенки од различни генерации, а ревијата ја отвори актерката Деми Мур која пак изненади со нејзиното скоро непрепознатливо лице (колку ли се заиграла со третманите и операциите?!).
Ким Џонс во првата couture колекција на Фенди испирација најде во делото „Орландо“ на Вирџинија Вулф, романот во кој главниот лик мистериозно го менува полот и патува низ времето. Влијанието од ова делот се забележува во доминантниот мотив на колекцијата – андрогеност и севременост. Има референци и на Блумсбери групата и на Фармхаус Чарлстон во Сасекс каде што престојувале членовите на Блумсбери, што е недалеку од селото Родмел, каде што Џонс беше делумно израснат и поседува куќа. Затоа целата приказна за патувањето од Родмел до Рим каде што е седиштето на Фенди, е многу лично за дизајнерот.
Интересна беше и сценографијата на ревијата – голем стаклен лавиринт низ кој шетаа манекенките.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрени на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари