По минатосезонската пауза на Моден викенд-Скопје дизајнерката Александра Митковска повторно се најде на програмата на оваа модна манифестација и во петокот во просторот на ноќниот клуб „Станица 26“ претстави нова колекцијата од линијата што ја потпишува како Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska. Креаторката прикажа колекција за наредната сезона, пролет-лето 2015, во која главните улоги ги имаат креациите со геометриски крој и шарите преземени од селектирани фотографии на познатиот филмси режисер Милчо Манчевски.
Митковска и претходно има користено уметничка подлога како принт за свои креации, некогаш тоа се уметнички слики или шара инспирирана од македонски фолклор, а овојпат се работи за модно-фотографски креативен дијалог на дизајнерката со фотограскиот опус на режисерот. Делата на Манчевски ги забележавме како инсерти или како комплетен дел од креациите во колекцијата. Во однос на формите дизајнерката останува доследна на својот креативен израз, на геометриските форми и карактеристичните кроеви оформени во претходните нејзини колекции. Поттикната од боите и шаренилото од фотографиите на Манчевски, таа вметнува широк спектар на бои, од позагасит тоналитет до појак интензитет.
Во последните сезони Митковска модната писта како вообичаен медиум за прикажување модна ревија ја заменува со поинакви простори и форми за лансирање нови модели, па за претставување на новата колекција избра ноќен клуб и мрежа од бели платформи по кои чекореа манекенките. Зад диџејскиот пулт за време на претставувањето на колекцијата седеше Силвија Катаста, италијанска музичарка која и претходно соработуваше со дизајнерката и подготви музика за една нејзина претходна ревија. Стајлингот беше дополнет со чанти со иноксни рачки направени во соработка со „Завар“ и со накит од „Капка“ на Јана Ацевска. (K.T.)
Нема коментари