Уште додека студирал економија во Скопје јасно му било дека тоа нема да биде неговата професија, па одлучил, откако ќе дипломира да запише втор факултет, надвор од државата. Студии поврзани со тоа што отсекогаш го сакал – модниот дизајн. По кратка посета на Берлин во 2009 година се вљубил инстантно во градот и не било тешко да ја донесе одлуката за селење. Така, дизајнерот на накит Горан Сиџимовски одлучил својата љубов – модата, од хоби да ја претвори во своја професионална окупација и тоа во неговиот град од соништата, Берлин. Изминативе неколку години тој беше постојано на реалција Скопје-Берлин, заради обврските во организацијата на Модниот викенд-Скопје, но изминатов период поинтензивно е посветен на својата модна наобразба во Срцето на европската урбана култура.
- Берлин на почетокот ги надмина моите очекувања. Веројатно зашто сè беше ново и различно од Скопје. Првите престои, додека официјално не се преселив, беа неколкумесечни и поврзани со апликации за студии. Тогаш градот го доживував како турист и сè беше перфектно. По преселбата ми беа потребни неколку месеци да сфатам дека јас сега всушност живеам тука и почнав да ги гледам работите од друг агол. Но сè уште додека шетам низ градот имам насмевка на лицето. Така знам дека е правото место за мене во моментов…. Лошата политичка ситуација во Македонија, која пенетрира во секоја сфера од приватниот живот, менталитетот на мнозинството, високото ниво на хомофобија и слични фактори, само допринесоа да одлучам да се преселам. Интересно, научив да ценам и сакам одредени работи во Македонија само откако сум на дистанца од неа…
>> Како би го опишал Берлин со неколку зборови, од твоја гледна точка?
- Еден збор – слобода! Тоа е мојата асоцијација со Берлин.
>> Kолку ти беше тешко да се прилагодиш и во колкава мера ти се промени животниот стил?
- Прилагодувањето не беше тешко. Тоа што сметам дека е потешко и сè уште трае е интеграцијата, поставувањето на база и градењето на основи за нов дом. Веројатно, после неколкугодишно работно искуство сè уште не можам да се навикнам комплетно на повторната улога на студент.
>> Во кој кварт од градот живееш?
- Населбата се вика Neukölln и моментално е една од најатрактивните за млади луѓе. На прв поглед потсетува на Истанбул, бидејќи најголем дел од турското и арапското население живее таму. Истовремено населбата е омилена дестинација за студенти и млади луѓе кои се бават со креативни професии така да со сите новоотворени барови, галерии и креативни студија се создава една уникатна атмосфера на микс од запад и исток.
>> Кои ти се омилените места и на кои најчесто се навраќаш?
- Обожавам зелени и водени површини. Градот со своите многубројни паркови и повеќе од 20 езера се покажа совршен од тој аспект, особено во лето кога се стемнува само 5-6 часа во денот. Места на кои често се навраќам се каналот Landwehr, областа околу Hackescher Markt, езерото Schlachtensee, паркот Körner, ботаничката градина и култниот клуб за електронска музика Berghain.
>> Колку нови рецепти од берлинската кујна научи и ги применуваш во секојдневната исхрана?
- Готвењето и купувањето храна ми се едни од омилените медитатвни активности. Ретко користам рецепти при готвење за што преферирам да експериментирам и да пробувам нови комбинации. Исхраната не ми е многу променета од кога живеев во Скопје: 80 отсто се сведува на овошје и зеленчук, со единствена разлика што овде користам често некои кои не се толку типични за македонската кујна: авокадо, манго, ѓумбир и рубарб или пак зачини како кардамом. Задолжителна дестинација за сите гости кои ми доаѓаат е еден судански ресторан кој се наоѓа во близина на мојот дом.
>> Колку често ги посетуваш културните случувања во градот и има ли некое место за вакви настани во кое се чувсвтвуваш најпријатно?
-Културната програма на градот, кој е познат по својата музичка и уметничка сцена, изобилува со концерти, изложби, претстави и перформанси од секаков вид. Би го издвоил музејот Martin Gropius Bau, каде што ги имам посетено изложбите на Anish Kapoor и Ai Weiwei и мултимедијалниот простор Radialsystem каде што скоро имав можност да проследам извонредните настапи на музичари како Hauschka и Greg Haines.
>> Каква е модата на улиците на Берлин?
- Генерално стилот на облекување во Берлин е поразличен од другите делови на државата. Наклонетоста на Германците кон прецизност, чистота и организираност која е преведена во минимален стил на облекување со едноставни форми и кроеви и ставање на функционалноста и комфорот пред естетиката, е разбиена во главниот град со еклектичниот микс од бои и невообилаени комбинации од помладите генерации и сè поголемиот број на луѓе кои работат во креативните индустрии. Од аспект на женската мода она што се разликува од Скопје е што жените изгледаат поприродно и во нивните гардероби скоро и нема тесни и кратки фустани, чевли на висока потпетица и складиште за шминки.
>> Колку оваа мода влијаеше на тебе , што прифати од модниот имиџ на Берлин?
- Сметам дека градовите во кои живееме нè оформуваат и влијаат на нашето однесување и начин на облекување. Откако живеам тука научив да ја сакам бојата и вметнав принтови во мојата гардероба во која претходно преовладуваа само неколку бои – црна, бела, сива и понекогаш беж и бордо.
>> Во градот се наоѓаат бројни модни брендови и дизајнери на уникатна облека…Каде и од кого најчесто пазарат облека луѓето во Берлин, а кое е твоето омилено место за шопинг?
- Изборот на модни брендови и дизајнери се разликува во западниот и источниот центар на градот. Додека во западниот дел се лоцирани повеќето брендови за висока мода, во источниот може да се најдат голем број на млади берлински и интернационални дизајнери. Според мое мислење во последните неколку години најмногу профитираат брендови како COS кои пласираат дизајни превземени од високата мода по достапни цени. Омилено место за шопинг немам, бидејќи облека купувам ретко и импулсивно.
>> Колку се цени дизајнерска облека идали се купува рачно изработен уникатен накит?
- Дизајнерските парчиња се ценат, но не би рекол дека успешно се продаваат. Модната индустрија во Берлин е млада и сè уште се развива и обликува. Има безброј млади дизајнери кои успешно творат и произведуваат тука, но продажбата претежно ја остваруваат надвор од Германија.
>> Дали имаш можност да креираш накит и да го пласираш на тој пазар, со што се занимаваш за време на престојот?
- Обрските околу факултетот и од пред кратко време асистентската позиција на Факултетот при развивање на макро проекти на одделот за моден дизајн не ми оставаат многу слободно време. Но после пауза од две години од мојата етикета се посеризно размислувам да и се вратам и да создадам нови дизајни кои би ги пласирал овде.
>> Какво е искуството со луѓето што ги запознаваш во Берлин?
- Може да се рече дека Берлин е една огромна железничка станица. Фактот дека 20 отсто од населението не се Германци и секојдневото пристигање и заминување на илјадници луѓе од целиот свет му дава неодолив интернационален шарм на градот. Но сметам дека за луѓе кои живеат тука после извесно време тоа станува малку заморно, а честите средби со туристи кои се сведуваат на површна комуникација здодевни.
>> Колку често се враќаш во Скопје?
-Обично си доаѓам двапати годишно и посебно внимавам тоа да не e на лето. После три поминати лета во Берлин температура над 30 степени (што овде се достигнува максимум три дена преку цело лето) ми е неподнослива Од Македонија ми недостасуваат пријателите, блиската фамилија, пазарите со овошје и зеленчук кои имаат вкус на овошје и зеленчук и леснотијата со која можев да завршам одредени работи.
Нема коментари