Костими од сако и панталони во релаксиран стил се тренд оваа пролет, како моден предлог за во канцеларија, но и за други пригоди. За оние што ќе се вратат на работните места после повеќемесечно работење од дома, удобната облека што ја носеа додека работеа од дома, сега ќе се пресели и во деловната облека наменета за канцеларија. Таа удобност ја има во новите стилови на деловни костими со широки панталони и волуменозно сако, направени од лесни и пролетни материјали. Модни предлози најдовме во колекциите на Луј Витон, Фенди, Алтузара, Клое…
Гледаме дека дизајнерите пронајдоа компромис помеѓу практичноста на домашната облека и сериозноста на деловната активност и претставија нова, опуштена верзија на канцелариската униформа. Сакоата, панталоните и кошулите повеќе не гушат и не го попречуваат движењето – тие сега имаат леснотија и воздушесто движење. Кога велиме дека модата е одраз на општествените прилики, мислиме и на тоа дека оваа деловна облека е резултат на новите промени што му се случија на светот. И дури ако скоро нема да се вратите во канцеларија, сепак ќе ви се допадне новиот изглед.
Нема коментари