Модната куќа „Живанши“ и нејзиниот креативен директор Рикардо Типи најавија дека следната модна ревија ќе се одржи во Њујорк и дека таа ќе биде отворена за широка публика, односно за секој што ќе успее да набави бесплатни влезници. „Со години сон ми е да направам ревија отворена за јавноста. Знаете, модата е убав и навистина затворен свет, ама секогаш мислев дека ќе направам ревија отворена баш за секого“, изјави Тиши за WWD.
Изборот ревијата на „Живанши“ да биде во Њујорк не е случаен. Самиот дизајнер е роден во сиромашно италијанско семејство и уште во детството сонуваше да биде дизајнер во Њујорк. „Пред да почине татко ми ѝ ветил на мајка ми дека еден ден целото семејство ќе го одведе во Њујорк. Тоа не се случи, но потоа си ветив дека јас ќе го направам тоа. И го направив пред неколку години, кога ја освоив наградата на CFDA за најдобар меѓународен дизајнер“, вели Тиши.
Ревијата ќе се случи во деновите кога ќе се отвори луксузниот бутик на брендот „Живанши“ на њујоршката авенија Медисон. На ревијата тој ги кани сите Њујорчани, барем оние што ќе успеат да набават една од 820-те бесплатни влезници достапни на givenchynyfw15.com. „Она што јас се обидувам да го постигнам може да се нарече прослава на љубовта. Сите ние имаме нешто заедничко што не обединува, а тоа е љубовта. Таа е бесплатна, една и за богатите и за сиромашните. Тоа е само љубов. Нешто природно и присутно. Тоа е мојата цел за денес. Се надевам дека луѓето ќе ја прифатат со радост“, изјави дизајнерот.
Нема коментари