Првата ресорт колекција на Никола Геские за „Луј Витон“ и првата ресорт колекција на брендот прикажана со посебна модна ревија беше откриена во саботата пред видни гости во Кралската палата во Монако, во екот на траењето на Канскиот филмски фестивал кој се случува на неколку километри од малото кнежество. „Луј Витон“ исто така за првпат организира ревија надвор од Париз, што е заслуга на принцезата Шарлен со желба Монако да го стави на глобалната модна мапа. За сезоната ресорт 2015 Геские понуди раскошен микс на принтови, бои и графички шари, откривајќи ја не само разиграната страна на луксузниот бренд, туку и новата модна приказна што ќе ја раскажува сегашниот креативен директор. По заминувањето на Марк Џејкобс од „Луј Витон“, ова е само втората колекција на Геские за брендот.
Линии, точки и коцки, цветни и шари инспирирани од оп-арт, транспарентни и потешки ткаенини, новите модели се логично продолжение на мартовската ревија на Геские за „Луј Витон“: трапезоидни здолништа позајмени од 60-тите, силуета во А-линија, геометриски форми, кожени креации. Во колекцијата има посекојдневни комбинации, повеќе видови на панталони, фустани и комплети, а кај повечерните модели Геские користи потемни бои и ткаенини како тантела и кожа. Бидејќи е ресорт колекција, односно колекција за џет-сет патувања, Никола прави неколку асоцијации на море преку шара на корали на облеката, односно референци на културата на Монако и Океанографскиот музеј сместен близу Кралската палата.
Во првиот ред на модната ревоја покрај принцезата Шарлен од Монако, се најдоа Бернард и Делфин Арно од LVMH, познатите модни уреднички Карин Ројтфелд (CR Fashion Book) и Емануел Алт (Vogue Paris), пријателките на дизајнерот Шарлот Генсбур и Џенифер Конели кои го следат уште од времето кога работеше во „Балесијага“. Пред одржувањето на ревијата познатиот фотограф Јирген Телер ексклузивно ги фотографираше комбинациите кои потоа се споделуваа на профилите на „Твитер“ и „Инстаграм“ на „Луј Витон“.
Нема коментари