Сосема неочекувано и на огромно изненадување на модниот свет, после три и пол години години поминати како креативен директор на „Диор“, белгискиот дизајнер Раф Симонс заминува од париската модна куќа. Во соопштение за јавноста Раф објаснува дека зад одлуката се кријат лични причини и дека сака да се фокусира на сопствениот бренд и на работи надвор од модата.
-По внимателно и долго размислување решив да ја напуштам својата позиција на креативен директор на женската колекција на „Кристијан Диор“. Оваа одлука е базирана целосно на мојата желба да се фокусирам на други интереси во мојот живот, вклучувајќи го и мојот сопствен бренд и страстите што ме водат надвор од мојата работа. „Кристијан Диор“ е извонредна компанија, и огромна беше привилегијата да напишам неколку страници од оваа прекрасна книга. Сакам да му се заблагодарам на г-дин Бернар Арно за довербата што ми ја даде, што ми овозможи да работам во оваа прекрасна куќа опкружен со неверојатен тим за кој само се сонува. Исто така имав можност во текот на последните неколку години да го искористам раководството на Сидни Толедано. Неговото внимателно, срдечно и инспиративно управување, исто така, ќе остане како едно од најзначајните искуства во мојата професионална кариера – го пренесува WWD неговото соопштение.
Симонс пред неколку седмици ја прикажа сега веќе својата последна колекција за „Диор“. Допрва ќе се премерува што значи неговата одлука, особено што по неговото ангажирање „Диор“ забележа зголемување на профитот, позитивни критики и нагласено задоволство од страна на Арно, сопственикот на компанијата LVMH што го менаџира брендот и од Толедано кој е извршен директор во „Диор“. Со неговото заминување почнува трката за посакуваната позиција во една од најпрестижните светски модни куќи и медуимети и социјалните мрежи веќе објавуваат листи за тоа кој ќе биде наследникот на Симонс.
Нема коментари