По неколку месеци на шпекулација, конечно официјално е објавено дека белгискиот дизајнер Раф Симонс е новиот главен креативен директор во американската модна куќа основана од Келвин Клајн. Веста за овој ангажман на Симонс циркулираше долго низ модните кругови, но остана на шпекулација поради одредена клаузула во договорот со париската модна куќа на Кристијан Диор. Раф во „Диор“ работеше од април 2012 до октомври 2015 година, кога самиот поднесе отказ поради стрес.
Новата позиција на Симонс е креативен „офицер“, нешто што за првпат се воведува во брендот Келвин Клајн, а улогата на белгискиот креатор е надлегување на повеќето подетикети и франшизи на линијата Calvin Klein CK – парфеми, одделните етикети за машка облека, женска облека, џинс, убавина, уредување на домот и за долна облека, како и на главната Calvin Klein колекција. Тоа значи дека Симонс треба да креира и нагледува многу повеќе колекции споредено со неговата задача во „Диор“, што е малку чудно бидејќи тој од „Диор“ замина поради притисокот да создава шест колекции годишно, што некогаш значеше креирање колекција за краток период од пет седмици.
-Доаѓањето на Раф Симонс како главен креативен директор означува ново и мошне значајно поглавје за Келвин Клајн. Од заминувањето на господинот Келвин Клајн од компанијата, брендот не бил предводен со креативен визионер, и јас сум убеден дека оваа одлука ќе го придвижи брендот Келвин Клајн и ќе има значително влијание врз неговата иднина. Исклучителните придонеси на Раф ја обликуваат и модернизираат модата каква што ја гледаме денес, и под негово раководство Келвин Клајн уште повеќе ќе ја зацврсти својата позиција како водечки глобален лајфстајл бренд – изјави Стив Шипман, извршен директор на Келвин Клајн.
Симонс ќе ја води креативната стратегија на Келвин Клајн, ќе ги надгледува сите аспекти на дизајн, глобален маркетинг и комуникации, комплетниот визуелен имиџ на брендот, а неговата прва колекција ќе биде онаа за сезоната есен 2017.
Нема коментари