Дизајнерите Моника Лозановска, Александар Милев и Драган Христов вчеравечер имаа заедничка презентација на своите нови колекции, во просторот пред продавницата на брендот „Еклектика“ во скопски Капан Ан. Во пријатна атмосфера и во друштво на љубителите на авторскиот печат на дизајнерите, ги видовме колекциите наречени Senses (Сетила), Silhouettes (Силуети) и Imperfections (Несовршености). Лозановска и Милев кои работат под името „Еклектика“ прикажаа накит, односно обетки, а Христов од брендот „Лудус“ новата колекција на безродова облека.
Лозановска во колекцијата Senses посветена на основните човечки сетила, креира рачно изработена линија на обетки, и како што вели линијата претставува рачно изработени скулптури преточени во уникатни обетки. На прв поглед обетките се со едноставен и минимален дизајн, но нивната скулптуралност, налик на мали уметнички дела, им дава елемент на суптилна експресија поврзана со основните сетила. Целата линија е изработена од сребро. Кругови, триаголници, квадрати, со испреплетени ланчиња меѓу нив и вметнат филигран и мнооогу љубов ја составуваат колекцијата која е наменета за оние со младешки дух, за оние кои сакаат да бидат препознатливи.
И Милев во својата авторска колекција Silhouettes дизајнира обетки, кои претставуваат апстрактна форма на женски силуети. Обетките се изработени од сребро со полускапоцени камења, а наменети се за софистицирани, модерни и сигурни жени.
Христов ја продолжува серијата на безродова мода, во новата колекција Imperfection и според него таа е резултат на досега најдлабоко истражување на темите што ги разработува во творечкиот циклус. Базирана е на различни и навидум неспоиви референци и влијанија, како бизнис облеките од почетокот на 90-тите, филмската дива Бети Дејвис, балетот и јапонската ваби-саби филозофија. Изработена е од висококвалитетни природни материјали како памук, лен и мерцијализиран памук.
1 коментар