Stylist.mk во рамки на Trash Fashion Macedonia 2014 на 5 јуни ќе организира работилница за редизајнирање на стари парчиња облека и модни додатоци. Уредничките на Stylist.mk, на настанот што ќе се одржи во периодот меѓу 14 -15.30 часот во кино „Фросина“ во МКЦ, ќе им понудат бесплатни модни совети за тоа како повторно да вратат во моден живот износени парчиња или стари, навидум демоде креации од старите ормари, со мининални освежувања и украсувања. Работилницата ќе почне со презентација на неколку примери за практично освежување на старите модели.
Ќе дискутираме и за некои инвентивни идеи за рециклирање на старата облека и нејзино враќање во секојдневната употреба. Во продолжение со учениците, кои со себе ќе донесат некои стари парчиња облека, подделени во неколку групи, ќе направиме работилница за редизајнирање на креациите. Целта е да се направат носиви парчиња, кои ќе бидат трендовски и еколошко оправдани. Со средношколците ќе разработиме и идеи за соодветно комбинирање на освежените парчиња на облека и накит и нивна примена…Финалните производи од работилницата ќе бидат изложени во просториите на МКЦ.
Официјалната програма на четвртото издание на Trash Fashion Macedonia ќе трае од 18 до 20 часот.
Trash Fashion Macedonia 2014 e натпревар на модни креации изработени со редизајнирани материјали од отпад, кои ги изработија тимови од 46 средни училишта во Македонија. Оваа година тимовите за изработка на своите модели, собраа преку 1.000 килограми различни видови отпад, односно, реупотребени се околу 2.500 капачиња, 500 најлонски кеси, 30 килограми стара хартија, стар електронски отпад и др. На Trash Fashion Macedonia 2014, за прв пат, секој модел ќе се претстави на писта направена од стари водоводни цевки, пропратен сороботизирани аудио-визуелни ефекти.
Оваа година прво, второ и трето место ќе додели петчленото жири во состав: Франк Видеркер, регионален советник во Амбасадата на Швајцарија, Александра Младеновска-Костиќ, директор на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем”, Росица Мршиќ – моден креатор, Тони Зен и Цаци Паковска- стилист.
Нема коментари