Дизајнерката позната по рачно плетените парчиња облека и накит, Катерина Микрут, на 26 септември во 17 часот, во соработка со ArtiZan Craft Center, ќе одржи работилница за урбано плетење во Старата скопска чаршија . Целта на едукативната дружба со креативката, која работи под етикетата Mikka Design, е украсување на оградата кај Музеј на Македонија со рачно плетени фрагменти. Оваа форма на улична уметност има за цел доближување на вештината на плетење кон пошироката јавност.
Урбаното плетење (urban knitting) е популарно ширум светот, а неговите поцетоци датираат од 2005 година. Движењето го започнало Магда Сејер од Хјустон, која ги обработува сообраќајните знаци СТОП со плетени парчиња за да го разубави јавниот простор во градот во кој доминираше сивило. Од таму урбаното плетење се прошири низ другите градови во САД, па стигна и до Европа. Главната цел на оваа форма на улична уметност е разубавување на градското сивило, иако се случува волнените графити да се изработуваат и во други цели, на пример за да привлече внимание кон конкретни општествени проблеми. Исто така преку урбаното плетење се поставува прашање за користење на јавниот простор.
Катерина Микрут, која е родум од Полска, неколку години живее и твори во Македонија. Во меѓувреме го разви својот, веќе добро препознатлоив бренд, Mikka Design, кој се заснова на рачна изработка на уникатни креации. Редовно учествува на поп-ап продавниците во нашата земја, а имавме можност да погледнеме нејзни креации и на Битолската модна недела и во рамките на Модниот викенд-Скопје. Летово одржа успешна работилница во рамките на фестивалот ДримОН во Струга , во организација на „Инка“, каде што ги сподели своите искуства и идеи повезани со урбаното плетење. Резултат на работилницата беше исплетената бандера, што го реализира заедно со учесниците на работилницата пред Домот на културата во Струга. Ова е твора вакво украсување, по плетењето на бандерата пред ателјето каде што работи во Старата скопска чаршија, Hard to Explain, која стана едно од обележјата на овој дел од градот. (А.Н.)
Нема коментари