Култната независна скопска радио-станица „Канал 103“ по повод 25 години од основањето, на 14 мај во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе одржи роденденски фестивал. На целовечерниот музички настан, покрај плејадата бендови од македонската независна музичка сцена, ќе настапат и американските легенди PSYCHIC TV.
Составот Psychic TV се оформени во 1982 година, на трагите од култниот индастријал бенд Throbbing Gristle, а како продолжение на музичката фантазмагорија на неповторливиот/неповторливата Genesis P-Orridge. Се работи за можеби најмаркантната фигура на андерграунд сцената во 20/21-от век, културен провокатор кој ги помести границите на современите музички сфаќања и пракси до точка во која музиката, експериментот, авангардниот арт и древните ритуали креираат крајно возбудлив паралелен уметнички универзум. Во период од 34 години, колку што постојат Psychic TV, издадоа приближно исто толку музички изданија во кои фасцинира постојаната трансформација и жанровската разновидност во иновативни преплети од рок-психоделија, поп-деконструкција, индастријал атмосфери, модерни денс- битови и експериментални звучни пејсажи. Нивниот актуелен албум „Snakes”, издаден во 2014 година, се најде во потесниот избор за албум на годината на голем број релевантни музички медиуми, вклучувајќи го и оној на „Канал 103“.
Постара од суверена Македонија, „Стотројка“ веќе четврт век претставува симбол на независната и слободна мисла и клучен промотор на прогресивната музика, авангардната уметност и култура воопшто.
Нема коментари