Македонската верзија на торинскиот уметнички фестивал „Паратисима“ ќе се одржи од 13 до 15 јуни во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје, а официјалното отворање на настанот е најавено за утре, петок, во 19 часот. По отворањето, изложбената поставка ќе биде отворена за јавност во сабота и во недела од 10 до 22 часот, а влезот еслободен. На првото издание на „Паратисима Скопје“ ќе учествуваат околу деведесет уметници. Во стилот на „Паратисима“, програмата не предвидува само уметнички поставки, туку и музички концерти (настапи на музичари од Италија и од Македонија), поставки на моден дизајн и накит, проекции, работилници, презентации, уметнички перформанси и други содржини. Покрај домашните, на фестивалот ќе се претстават и автори од Италија, Франција, Грција и Црна Гора. Според концептот, „Паратисима“ дава можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, но на затворањето на настанот, во недела од 21.30 часот, ќе бидат објавени селектираните 10-тина автори кои што ќе имаат можност да ги прикажат своите дела на „Паратисима“ во Торино, во ноември, 2014 година.
„Паратисима Скопје“ е проект на Граѓанското здружение за промоција и поддршка на културата „Континео 2020“, во соработка со партнерската организација YLDA (Young People for Local Development Association) од Торино, а реализиран со финансиска поддршка од Стопанска комора Торино и институционална поддршка од Младинскиот Културен Центар, Град Торино и Град Скопје. Во еден дел од програмата се појавуваат неколку проекти нас Stylist.mk, како изложба на модни фотографии со стајлинзи направени од облека и накит од македонски дизајнери, потоа во сабота организираме работилница на тема „Од ателје до насловна страница“, како и наша селекција на модни видеа и филмови.
„Паратисима Скопје“ е прв саем на современа уметност, а иницијативата за неговото одржување потекнува од Торино, Италија каде што оваа година го прославува своето 10-то издание. Целта на „Паратисима“ е да ја поддржи креативноста во сите нејзини формати, овозможувајќи квалификуван простор за учество на уметници, креативци, фотографи, сликари, писатели, режисери, стилисти, емергентни и афирмирани уметници кои сакаат да експериментираат во динамична средина и пред широка публика.
Нема коментари