Во октомври минатата година дизајнерот Албер Елбаз го најави своето заминувања од модната компанија „Ланвин“ во која твореше 14 години и со својот талент успеа да ја оживее подзаборавената куќа основана од Жана Ланвин уште во 1889 година, а вчера во рамките на Париската модна недела беше претставена колекцијата за есен-зима 2016/17, прва без Елбаз во „Ланвин“. Додека не се ангажира нов креативен директор и трае статус кво ситуација, постоечкиот дизајнерски тим на „Ланвин“ на чело со Кемена Канали и Лусио Финале ја подготви колекцијата која го следи сензибилитетот на куќата што се базира на елегантна женственост и нослив гламур, и во која се чувствува сенката на Елбаз, но е далеку од магијата што долгогодишниот главен дизајнер ја внесуваше во куќата со својата работа.
Критиката се согласи дека „Ланвин“ без Елбаз е како било која друга колекција, како што наведе Ванеса Фридман од New York Times. На иста линија се и познатите модни критичари Бриџет Фоли од WWD, Кети Хорин од New York Mag, Робин Гиван од Washington Post, кои веднаш реагираа со негативни постови на нивните сооцијални мрежи. Гиван обајви „Не сакате да ја видите новата колекција на „Ланвин“. Јас ја видов ревијата, за да не мора вие да ја гледате“, а Стјуарт Емрих, уредник на прилогот Styles на New York Times, на Твитер објави фотографија од финалето со статус „Публиката даде одредена поддршка, но несигурна е колку треба да ракоплеска“. Во секој случај, ова е нова ера за „Ланвин“, деновиве ќе следат поконкетни анализи и стратешки чекори за иднината на оваа париска модна куќа. Главното прашање е кој ќе го наследи Елбаз и што треба да поседува за да го надмине неговиот импакт врз брендот „Ланвин“.
Нема коментари