Со желба за подигнување на стандардите на нашата сцена за тоа што е квалитетно и модерно, како и истакнување и поддршка на македонската мода, пред точно една година на овој ден (2 декември 2013) почна со работа нашиот сајт Stylist.mk. Специјализирaниот онлајн магазин за мода, убавина, уметност и животен стил, oснован од модните новинарки/уреднички со долгогодишно работно искуство во областа на модата: Катерина Трајановска, Ана Несторовска и Снежана Јаначковска-Богдановска функционира и како асоцијација. На Stylist.mk, на македонски јазик може да се прочитаат новости, извештаи, интервјуа и анализи поврзани со нашата и светската модна сцена, како и да се погледнат едиторијали и галерии од најголемите модни случувања.
Ви ги претставуваме најзначајните моменти на Stylist.mk во изминативе 12 месеци.
Први Stylist.mk награди и дебата на Моден викенд-Скопје есен-зима 2013/14
Основањето на асоцијацијата и сајтот Stylist.mk беше најавено еден месец претходно, во рамки на Модниот викенд-Скопје. На 31 октомври 2013 во клубот и ресторан МКЦ тимот на сајтот ги востанови Stylist.mk наградите за најуспешните на Моден викенд-Скопје (FWSK). На тоа издание главната награда, за најдобра колекција, ја доби етаблираната креаторка Росица Мршиќ. Признанието за најнадежен дизајнер му беше врачено на Бобан Илиевски (Chic Undercowear), а за најдобра манекенка беше прогласена Маја Ристевска од „Мак моделс“. Статуетката за најдобра колекција специјално за првото издание на „Stylist.mk наградите“ ја направи познатата дизајнерка на накит Марија Милошевска. Наградата за најнадежен дизајнер ја креира талентираната Нина Симовска, која работи под брендот за накит Just Because. Уникатен накит во дизајн на познатата креаторка Ивана Кнез („Драма“) е наменет за најдобрата манекенка.
Неколку часа пред церемонијата на доделување на наградите, Stylist.mk организира дебата на тема „Пласманот на модата во медиумите“, во која учествуваа модни дизајнери, новинари, блогери и менаџери.
Модно жири на „Стилисимо“
Модните уреднички и основачки на Stylist.mk: Катерина Трајановска и Ана Несторовска од декември 2013 се дел од модното жири на емисијата „Стилисимо“ што се емитува на МРТ1. Еднаш месечно со авторката и водитека на модното шоу, Цаци Паковска и познатиот моден дизајнер и едукатор Никола Ефтимов еднаш месечно ги коментираме стајлизните на јавните . Модното жири на „Стилисимо“ го коментира изгледот на познатите личности од нашата земја на своите јавни појавувања. Досега на „тапет“ беа учесниците на Скопски фестивал 2013 и 2014, „Златна Бубамара“, „МРТ за најдобрите“, „Моден викенд-Скопје“… Под лупа се најдоа и ТВ-водителите и спикерите, а беше направена и листа за најдобро облечени ѕвезди во 2013.
Новогодишна елка во „Скопје сити мол“
Уредничките на Stylist.mk на 5 декември 2013 беа дел од петнаесетте тимови на македонски креатори и модни новинари кои накитија уникатни новогодишни елки во скопскиот трговскиот центар „Сити мол“. За време на новогодишните и божините празници еден од ходниците на „Сити мол“ го красеше Stylist.mk елката која беше инспирирана од силуетата на девојката-заштитен знак за нашиот сајт.
Втори Stylist.mk награди и дебата на Моден викенд-Скопје пролет-лето 2014
По вторпат, во рамки на пролетното издание на Моден викенд-Скопје (FWSK) Stylist.mk на 11 април 2014 во урбаниот скопски локал „Концепт 37“ додели награди за најдобра колекција, млад дизајнер и за модел. Статуетката за најдобра колекција, изработена од архитектската и дизајнерка на накит Александра Шекутковска ѝ беше врачена на познатата креаторка Лидија Георгиева. Признанието за најнадежен дизајнер, креирано од Јасмина Главинче, отиде во рацете на откритието на овој Моден викенд, Оливера Штакоска. Дрвената статуетка инспирирана од женските нозе, избрусена од креативецот Глигор Кузмановски го доби најдобрата манекенка на деветото издание на FWSK, според Stylist.mk- Моника Алексовска. По церемонијата на доделување на наградите, Stylist.mk организира дебата на тема „Оригиналии копии во македонската мода“.
Консалтинг агол на Super Design Pop-Up Store
Во рамките на Super Design Pop-Up Store, што се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар, Stylist.mk организира стилско катче, каде што на лице место понуди бесплатни модни совети и им помогна на постителите на настанот да направат соодветни комбинации од понудените модни парчиња и накит од дизајнерите-учесници на настанот. Покрај косалтингот направивме и фотосесија со комбинации од понудените парчиња облека и накит од учесниците на Super Design Pop-Up Store, во соработка со моделот Симона Ничева.
Работилница за редизајнирање на стара облека на Trash Fashion Macedonia
Во рамките на последното издание на Trash Fashion Macedonia што се одржа на 5 јуни 2014 во организација на Здружението на граѓани ОХО, Stylist.mk одржа работилница за редизајнирање на стари парчиња облека и модни додатоци. Уредничките на Stylist.mk пред учениците од 45 средни училишта од цела Македонија прикажаа куса презентација за тоа како може да се искористи старата гардероба и од неа да се создаде трендовско модно парче, а потоа им дадовме можност самите да реализираат нова облека.
Изложба, работилница и проекција на модни видеа на „Паратисима“
На првото издание на торинскиoт саем за современа уметност – „Паратисима“ во Скопје, што се одржа од 13 до 15 јуни во Младинскиот културен центар, Stylist.mk беше задолжен за модната програма и организира изложба, работилница и проекција на видеа. Изложбата содржеше фотографии снимени за време на Super Design Pop-up Store. Работилницата беше на тема „Од ателје до насловна страница“ (како да дојде вашиот производ до медиумите). Покрај тимот на Stylist.mk на работилницата гостуваа и етаблираните модни креатори: Ненад Секирарски и Ирина Тошева, кои ги споделија своите искуства со медиумите. Во џебното кино во МКЦ се одржа „Видеомода“-проекција на 15-тина кратки видеа направени од или за македонски дизајнери и брендови.
Предавање „Улогата на интернет медиумите во македонската модна сцена“
Во рамки на есенското издание на Моден викенд-Скопје на 25 октомври тимот на Stylist.mk беше вклучен и во едукативниот семинар „Современи движења во модата. Трендови, продажба и блогирање“. Катерина Трајановска и Ана Несторовска, кои го уредуваат и развиваат сајтот одржаа предавање на тема „Улогата на интернет медиумите во македонската модна сцена“. Тие го споделија своето повеќегодишно искуство како модни новинарки на македонската сцена, работејќи во различни медиуми. Зборуваа за појавата на модни интернет-портали, преодот и подемот на дигиталните наспроти печатените медиуми, потоа за приказната за Stylist.mk и позиционирањето како професионален медиум, целите и задачите на овој вебсајт.
Трети Stylist.mk награди на Моден викенд-Скопје есен-зима 2014/15
Stylist.mk на 5 ноември 2014 по третпат ги додели наградите за најуспешните дизајнери и модели на Моден викенд-Скопје во концептуалната продавница Lotus Design Store во „Сити мол“. Јована Филиповиќ, која е носител на главното признание, за најдобра колекција за Where The Wild Things Are есен-зима 2014/15, доби статуетка изработена од Илина Поповска, а Стефанија Насеска-прогласена за најдобра млада дизајнерка за нејзината колекција „Азбука“, прими награда изработена од тандемот Моника Лозановска и Александар Баки Милев, кои стојат зад брендот за накит „Еклектика“. Шармантната Рене Рајт, која е прогласена за најдобра манекенка на FWSK, доби статуетка направена од Андријана Андреева (Ани Соро).
Модна работилница на Stylist.mk на форумот Biz Triple Talks
Уредничките на Stylist.mk, Катерина Трајановска и Ана Несторовска на 26 ноември 2014 одржаа работилница на тема „Моќта на правилниот деловен дрес-код“ во рамки на еднодневниот интерактивен форум Biz Triple Talks во „Форца“, Скопје. Целта на настанот во организација на Honeybizz и Triple S беше да поттикне свесност и да креира конструктивен и интерактивен дијалог за работи поврзани со економскиот и социјалниот развој во општеството. Работилницата на Stylist.mk опфати повеќе сегменти: важноста на изборот на облека, шминка и на фризура во бизнис-сферата, како се гради деловен имиџ, најчести грешки во изборот на креации за во канцеларија. Беа преставени повеќе примери и совети како да се избегнат грешките и како да се подобри имиџот на работното место.
Шест номинации на изборот „Сајт на годината 2014“
Модниот онлајн магазин Stylist.mk е номиниран во шест категории на изборот „Сајт на годината“: „Најдобар сајт“, „Мода и убавина“, „Најдобар дизајн“, „Образование, наука и култура“, „Најдобар мобилен сајт“ и „Забава“. Вашите гласови може да ги дадете на веб страницата sajtnagodinata.mk, каде што треба да се пријавете со вашиот e-mail, потоа отворете ја вашата електронска пошта каде што ќе пристигне линк за гласање. Секој интернет посетител може да распредели три гласа во секоја категорија, и тоа 10, 6 и 2 поени. Гласањето за најдобрите македонски сајтови за 2014 година почна во понеделникот и ќе трае до 05.12.2014.
Нема коментари