Со Викторија Ланговска и Магдалена Дилевска патиштата изминатите години неколкупати професионално ни се заплеткаа. Најпрво, во потрага по млади модни креативци со свежи идеи, пред четири години налетав на нивнот блог каде што ги имаа пласирано своите со уникатни модни додатоци (обетки, ѓердани…) креативно сплетени од различни материјали. Во наредниот период реализиравме неколку интервјуа, а се среќававме и на базарите и групните изложби. Но по некое време имаше затишје од нивната работилница, сè до минатата година, кога повторно почна да се плете приказната на „Преплет“… Сместени во срцето на Дебар Маало, успеаа за кратко време да сплетат нежна врска со љубителите на уникатниот дизајн. Од ентузијастички креативен проект, Магдалена и Викторија го издигнаа „Преплет“ во препознатлив концептуален бренд.
-По основањето направивме пауза за да се посветиме на своето образование и дооформување како дизајнери. Но, нашето паузирање, во секој случај не беше откажување. „Преплет“ постоеше и ние во секое време впивавме идеи за неговото надоградување… Секоја работа која што ќе се нафати некој да ја прави сам, почнувајќи од нула има потешкотии и препреки, но колку и да звучи клише и излитено, упорноста и храброста се најважните работи преку кои може да се достигне целта и што е најважно да се реализира некоја идеја. Ние двете сме цврсто решени во развивањето на нашата замисла. До крај и силно веруваме во „Преплет“ -велат тие.
Со забава во урбаниот локал „Концепт 37“ тие денеска слават една година од повторното заживување на „Преплет“. На наша адреса деновиве пристигнаа иновативни покани, кои се симпатични , ведри и креативни, како и имиџот на брендот.
-Правејќи планови во врска со нашата забава, изминатите неколку дена ги поминавме во подготвување на сите мали детали со кои што сакаме да ве пречекаме на роденденската забава. Една од нив беше и подготовката на поканите кои сакаме да ги поделиме на сите луѓе кои нè следат и ни значат. Секако, не можевме да останеме со стандарден вид на покана, па затоа смисливме нешто интересно, за што подолго да ви потрае убавото чувство и момент. Поканите се всушност ќесички наполнети со конфети, а горниот дел има улога да глуми етикета и покана во исто време. Од едната страна ги ставивме сите потребни информации во врска со забавата (ден, место, време), а од другата страна ви смисливме мал рецепт за добра забава. И за да не мислите дека кај нас можат така лесно да се најдат сите потребни материјали за да ја изреализираме нашата идеја, еве едно клипче како доказ како ги подготвувавме нашите “конфети”-велат Магдалена и Викторија.
На почетокот „Преплет“ беше синоним за плетени производи, пред с` накит. Но денеска во нивната работилницата се создаваат повеќе видови на украси и додатоци. Пред шет месеци имавме можност повторно да соработуваме, овој пат тие го креираа идентитет на промотивните материјали на Stylist.mk, дел од својот романтичен младешки дух го вдахнаа во веќе препознатливите чанти, визитките, беџовите и налепниците на нашиот сајт…
„Трчам по облаците, летам со мислите. Јас ги креирам моите брановидни случувања. Насмеј се гласно, не под мустаќ. Имај сончеви мисли и стави си розови очила“ – се само дел од интересните пораки испишани на постери, шолји за кафе, чанти и маички на креативното студио „Преплет“. Тие може да се набават или пак да се нарача некој сосема нов дизајн во нивниот креативен продажен простор во Дебар Маало во Скопје.
-Идеите за пораките секогаш пристигнуваат спонтано, најчесто инспирирани од некоја наша случка или емоција. Не би можеле да одвоиме точно една по која сме препознатливи, но сметаме дека голем фидбек добивме за овие неколку пораки: “Насмеј се гласно, не под мустаќ”, „Опа иха”, „Корпата од мојот точак ми помага за сите потешкотии во денот” и други. Кога започнавме со креирањето на производите, користевме веќе готови цртежи, дополнително прилагодувани заради поклопувањето со пораките, но сега веќе користиме и наши оригинални цртежи и графики изработени специјално за конкретна порака или нарачка. Исто така соработуваме и со други креативни луѓе и уметници, кои креираат илустрации инспирирани од нашите пораки…Освен накит, имаме и други аксесоари за девојки, како што се торбите, марамите и маичките, но додадовме и украси и за домот, меѓу кои можеме да кажеме дека најпопуларни се рачно печатените перничиња, винтиџ-рамките со нашите креативни пораки и шолјите-велат тие.
Викторија и Магдалена индивидуално се занимаваат со дизајн на ентериер и на графички дизајн.
-Нашите индивидуални приказни се развиваа сосема различно, двете тргнавме по различни патишта. Магдалена работеше во маркетинг агенција и на други приватни проекти во областа на графичкиот дизајн, додека пак Викторија работеше на одредени проекти во областа на сценографијата. Нашите интереси се споија во едно и совршено се надополнија-велат тие. (ото: „Преплет“)
Нема коментари