Во понеделникот во Метрополитен музејот во Њујорк се сретнаа Ана Винтур, Џо3 Зи, претседателката на музејот Емили Раферти и други модни експерти за да ја прегледаат претстојната изложба насловена China: Through the Looking Glass, која се отвора на 7 мај и ќе трае до 16 август годинава. Изложбата истражува како Кина влијаела врз модата низ вековите, преку повеќе од 130 модни креации од високата мода и авангардни претапорте парчиња, заедно со кинески слики, костими, порцелан и филмови. Уметнички директор на изложбата е познатиот режисер Вонг Кар Ваи.
Ендрју Болтон, куратор на Институтот за костими при Метрополитен, се здружи со Одделот за азиска уметност за да ја создаде поставката која ќе ја покаже модата уште 1700-тите до денешно време. Болтон на специјалната претпремиера на изложбата прикажа филмови како признание за важноста на филмската уметност, „медиум преку кој ние го разбираме богатството на кинеската историја“.
На изложбата ќе бидат вклучени вињети на „Жени со стил“ во Центарот Ана Винтур, а во главниот дел посетителите ќе имаат можност да видат креации од Коко Шанел, Кристијан Диор, Том Форд, Џон Галијано, Жан Пол Готје, Мери Катранзу, Роберто Кавали, Карл Лагерфелд, Жан Ланвин, Мартин Марџела, Ив Сен Лоран, Вивиен Вествуд и други дизајнери кои твореле во различно време и кои вметнале ориентални референци во своите дизајни.
На отворањето на изложбата во Метрополитен претходи традиционалната гала вечера, позната како Мет Гала, најспектакуларниот моден настан на годината на кој се собираат најпознатите личности од светот на модата, музиката, филмот и на високото општество.
Нема коментари