Покрај тоа што според Forbes девет години по ред е најдобро платена манекенка на светот, сè што е поврзано со бразилската супермоделка Жизел Бундшен чини скапо – новата монографија со фотографии курирани од самата Жизел има цена од вртоглави 700 долари. Книгата наречена едноставно Gisele ја издава Taschen, содржи 536 страници на кои се поместени преку 300 значајни фотографии од нејзината кариера. Застапени се фотографите Корин Деј, Ирвин Пен, Инез и Винод, Јурген Телер, Дејвид Лашапел, како и посвети од личности од модната индустрија и од блиските пријатели и семејството. На корицата се наоѓа фотографија на гола Жизел, направена од Ирвин Пен во 90-тите за потребите на американски Vogue.
Издавачката куќа Taschen ќе отпечати само 1000 копии и сите ќе бидат потпишани лично од манекенката, вклучувајќи 100 примероци кои ќе се продаваат по цена од 2.000 долари и ќе содржат и фотографија потпишана од Јурген Телер. Ова луксузно издание се осврнува на долгогодишната кариера на Жизел, за чие времетраење таа се појави на преку 1000 насловни страници на најпознатите модни списанија, прошета на преку 450 модни ревии и сними безброј рекламни кампањи. Богатството на Жизел се проценува на 430 милиони долари. Нејзината книга можеби чини многу, но целта на Жизел не е екстра профит, бидејќи сите средства од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Книгата ќе биде достапна од ноември годинава.
Нема коментари