Во автентичниот амбиент на скејт-паркот лоциран на Кејот на Вардар, денеска дизајнерката Ирина Тошева ја промовира новата спортска и урбана колекција, која е во продукција на македонската фабрика „Цеботекс“. На перформансот, во организација на Моден викенд- Скопје, манекенките од „Подиум“ беа придружувани од „бемиксери“ и „блејдери“, а за музиката беше задолжена диџејката Ана Мало.
Колекцијата која вбројува 15 спортски машки и женски парчиња и го носи името „Cebotex activewear by Irina Tosheva “ е реализирана во рамките на проектот „Професионално менторство, соработка и размена на знаења и техники меѓу дизајнерите и фабриките “ кој е поддржан од Министерството за економија на РМ, односно Секторот зa претприемништво и иновации. Проектот е дел од бизнис програмата на последната дванаесетта сезона на Моден викенд – Скопје, која резултираше со соработка помеѓу македонската фабрика за спортска гардероба „Цеботекс“ и дизајнерката Тошева која работеше на колекцијата неколку месеци.
-Редовно ги поддржуваме талентираните дизајнери и развојот на домашната економија. Со таа цел се трудиме да ги поврземе креативците со македонските фабрики и брендови. Сметаме дека Македонија има дизајн кој не заостанува во однос на познатите странски брендови а и цените на оваа колекција се достапни за домашните купувачи, велат организаторите на настанот.
Дуксерите, маиците и хеланките со потпис на Тошева се достапни за продажба во нејзиното ателје, како и на веб страниците www.bastetnoir.com и www.irinatosheva.com .
Неодамна беше изработен и каталог за колекцијата на кој работеше фото-тандемот Ани и Дими со моделите Александра Наумова и Иван Ристевски. Продуцентка на каталогот е Света Богова- Јовановска, графички дизајн е на Анита Гај, за катингот се погрижи Виктор Цветановски, шминката е на Јована Коциќ, фризурата на Студио Cool Cut. Моделите носат часовници од My: Time, патиките се од Converse, а очила за сонце- Panda optic.
Нема коментари