Во недостиг на макеодонски списанија со современ поглед на културата, уметноста, музиката и урбаните теми, од Битола ни доаѓа веста за лансирањето на новиот печатен магазин за култура наречен „Магента“. Весникот што го уредуваат уредуваат Игор Трајковски Фоја и Илија Талев викендов имаше своја промоција во битолското кафуле „Радост“. На насловната на првиот број е битолскиот диџеј Сашо Ресид, а во „Магента“ ќе читате интервју со Васко од „Бернајс пропаганда“, омаж за Влада Дивљан, филмски предлози и потсетување на стари филмови како „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман, културен водич за настаните во Битола, па и лекции за зборење битолски, репортажен текст за Авганистан, кинески хороскоп, женски поглед низ дневникот на една битолчанка, интересни статистички бројки поврзани со Битолската модна недела… „Магента“ името го доби по една од четирите бои во системот CMYK кој се користи во печатарската индустрија, а има желба да го прошара спектарот на боите кои ги примаме секојдневно, надвор од црно-белиот свет, односно сивилото околу нас. Повеќе за списанието на овој линк каде што може да го прочитате воведниот уреднички текст и да го даунлодирате првиот број.
Нема коментари