Книгата „Како да бидеш парижанка, каде и да си“, од четирите Французинки Ан Берест, Одри Диван, Каролин де Мегре и Софи Мас која предизвикува големо внимание последниве две години, конечно и на македонски јазик. Книгата која е слатко модно четиво кое открива дел од тајните на парискиот ноншалантен шик изглед, ќе биде промовирана следната среда, на 26 октомври, во 21 часот, во кафулето „Излет“. Книгата е во издание на „Полица“, а на промоцијата музика ќе пушта ДЈ Александар Мискоски.
Од четири извонредни и успешни Французинки – конечно – свеж и смел поглед на тоа што значи да се биде парижанка: како се облекуваат, како се забавуваат, како се однесуваат.
Во кратки, шеговити делови, овие парижанки ви го претставуваат нивниот оригинален поглед на стилот, културата, однесувањето и мажите. Авторките – Ан Берест, Одри Диван, Каролин де Мегре и Софи Мас – немажени, кои имаат врска, имаат деца, се пријателки со години. Овие талентирани боемски иконоборци, со кариери во светот на музиката, филмот, модата и издаваштвото, се невообичаено искрени и без влакна на јазикот ги разголуваат митовите за тоа што значи да си Французинка денес. Тие ви допуштаат да влезете во нивните тајни и мани, и се шегуваат за нивните комплицирани, често контрадикторни чувства и однесување. Признаваат дека се снобови, по малку егоцентрични, непредвидливи, но не и непостојани. Сакаат да шефуваат и се самоуверени, но истовремено се нежни и романтични.
Ќе ве одведат на прв состанок, на забава, ќе поминете низ мамурлак, ќе одите на некои од омилените „свратилишта“ во Париз, на село, и на една од нивните вечери со совети за готвење што ќе ги прелажат гостите дека тоа било лесно. Излегувањето со нив носи неволји и изненадувања. Ќе ви кажат како да бидете мистериозни и сензуални, како да изгледате природно, како да го направите вашиот партнер љубоморен, и што мислат за деца, брак и за фитнес. И, ќе споделат со вас адреси од места во Париз што треба да ги посетите: пред да заврши ноќта, за роденден, за елегантен состанок, за вредни старински работи и уште многу повеќе.
Нема коментари