По успешната презентација со ревија на неодамна одржаниот Моден викенд-Скопје, дизајнерката Јована Филиповиќ вечерва ќе ја претстави својата нова колекција „Големата убавина“ (The Great Beauty) и во концептуалната продавница и бистро Wonderlust. Во овој мултибренд и мултифункционален современ простор, сместен на улица Македонија, со почеток во 20 часот ќе може да се погледнат креациите за есен-зима 2016/17. Присутните ќе може да уживаат во музиката по избор на диџеј Андреј Мицајков, a ќе има и коктели специјално приготвени за овој настан.
Колекцијата „Големата убавина е инспирирана од италијанскиот филм La grande bellezza („Големата убавина“) на Paolo Sorentinni. . Колекцијата е кохезија на модерните, хедонистички и декадентни трендови испреплетени со носталгија по времето на вистинска убавина и гламур.
-Секој детал, момент и разговор од тој филм ми е фасцинантен… Во светот каде што владее декаденција, тривијалност и хипокризам во сите сфери на човечкото живеење, на крај секогаш сè се сведува на прашањето – што е всушност убавината на живеењето. На создавањето. На творењето…Што се однесува до имиџот на креациите- тие се минималистички. Минимализмот е дел од сè што правам, сè што создавам и творам. Колку и да сакам не можам да избегам од таа „чистотата“ во дизајнот. Исто како и од играњето и употребата на машкиот крој во женските креации. Женствената сексуалност е прикажана на повеќе различни начини и преку различни креации. Боите и овој пат се внимателно употребени и даваат добар завршеток на поголемиот дел монохроматски парчиња-ни изјави Филиповиќ во неодамнешното интервју.
Покрај во Wonderlust колекција може да се купи во студиото на Филиповиќ, како и онлајн (А.Н.)
Нема коментари