Капсулната колекција „М-џинс“ (M-Jeans) со уникатни цртежи од сликарот Мирослав Масин ќе биде промовирана на 26 декември (петок) со почеток во 17 часот во скопското бистро „Цреша“. На промоцијата ќе биде присутен и сликарот Масин.
Под мото „Пери-носи-врами“ иницијативата за капсулната колекција составена од стотина парчиња класичен џинс произлезе од „Културен концепт“. Сликарот Масин со нескриено задоволство го прифати предизвикот своето 30-годишно искуство во областа на ликовната уметност да го примени во областа на модниот дизајн. Раководејќи се со главното мото, секое парче од „М-џинс“ може да се користи, односно да се носи во секојдневниот живот, но може и да се врами како уникатно уметничко дело. Модните парчиња се изработени од врвен материјал со македонски дизајн и дополнително рачно се насликани со мотиви од имагинацијата на Масин. Секое парче поединечно е уникатно уметничко дело.
Творештвото на Масин досега е презентирано на повеќе од 50 самостојни изложби. Познат е по неговите перформанси, инсталации и акционо сликарство. Работел и сценографии за изведувачките уметности. Овојпат го прифати предизвикот да влезе во применетата уметност со сликање на парчиња што ќе бидат дел од секојдневието на љубителите на уметноста.
По промоцијата, од 26 декември, парчињата од капсулната колекција „М-џинс“ ќе бидат достапни во „Концепт 37“ (ул. Рузвелтова 37), во „Макџинс“ (т.ц Зебра) и во бутикот за уникатна гардероба „Мелита“. Промотивните фотографии заколекцијата, на која Масин слика фармерки облечени на девојка-модел, ги сними Бојан Симовски.
Нема коментари