Под насловот „Фармерки, црвен кармин и оваа маичка”, „Фешн Груп“ и македонската блогерка Јована Зука ја претставуваат промотивната фотосесија за капсулната колекција маици „Jeansomania“. Лимитираната линија ја сочинуваат неколку модели маици, а секоја од нив пренесува интересна и досетлива порака на македонски или на англиски јазик. Пораките се дело на Јована Зука, а визуелната реализација е на Бојан Тасевски, графички дизајнер во „Фешн Груп Македонија“. Фотографиите ги сними познатиот тандем Ани и Дими, како модел се јавува манекенката Ангела Ѓорѓиева од агенцијата „Подиум“, а за шминка и фризура се погрижи Игор Марков. Стајлингот го направи Зука со производи од брендовите во Fashion&Friends и чевли од BATA. Едиторикалот пренесува ведро, младешко и лежерно расположение.
-Веќе неколку сезони по ред, проектот „Џинсоманија“ се реализира како начин на прославување на урбаната култура и тексасот како материјал кој може секогаш одново да се oживее и реинтерпретира. Оваа сезона „Фешн груп“ во соработка со познатата македонска блогерка Јована Зука изработи капсулна колекција маици, сметајќи дека токму маичките се најдобар партнер на фармерките и останатите производи направени од тексас за современ, едноставен, но шик изглед-велат од „Фешн Груп Македонија“.
Маиците ќе бидат претставени преку посебен, интерактивен простор во рамките на Модниот викенд-Скопје на 5 април во катната гаража „Солунски конгрес“. Тие исто така ќе бидат достапни и во некои од продавниците на „Фешн груп“ за време на викендот 4-ти и 5-ти април. Наскоро ќе биде снимен и втор едиторијал, кој ќе го фотографира Жарко Чулиќ и истиот ќе биде објавен во априлското издание на Unique Magazine.
-Инспирацијата за маичките дојде од самото име на проектот – „манија“ за фармерки и облека изработена од џинс. Сакав да создадеме забавни парчиња кои ќе шират убава, позитивна енергија и насмевки насекаде, а кои истовремено ќе бидат весело-очигледен избор за комбинација со култната ткаенина. Сакав да создадеме безвременски, секојдневно несекојдневни, удобни маички кои ќе можат да се носат секаде и секогаш во милион различни комбинации. Важно ми беше да направиме колекција во која секој ќе може да си избере омилена и карактерно најсоодветна маичка, а истовремено колекција која совршено ќе го долови концептот на „Jeansomania“-изјави Зука во интервјуто за stylist.mk.
Нема коментари