Денеска, 18 април, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк” ќе се промовира поетската книга „Аутопсија на љубовта” од Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, која е во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”, е прва книга на младиот автор.
Книгата содржи длабоко интимна поезија, еден вид внатрешна исповед на авторот. Тој се соголува себеси, интензивно чувствува љубов, копнеж, страв, безнадежност, апсурд… Токму тој бодлеровски призвук, емоционално жестоките слики со силно изразени контрасти се најсилната страна на поезијата на Моџо. Помеѓу стиховите во кои се испреплетуваат тагата, болката и разочарувањето, како противтежа, авторот ја спротивставува љубовта како нешто што ќе го спаси светот. На границата помеѓу животот и смртта, сонот и јавето, постоењето и непостоењето, ангелите и демоните, е таа, неговата љубена, по која тој посега, а патиштата никако да им се вкрстат. Како расипан часовник чиишто показалки се застанати далеку една од друга, проколнати да не се сретнат никогаш.
Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Дел е и од популарната македонска комична и сатирична телевизиска емисија „Фчерашни новости”. Уредник е на интернет страницата ФН, ориентирана на комедија и сатира, која објавува сатирични „вести” кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.
„Аутопсија на љубовта” беше најавена на социјалните мрежи со видеа снимени од неколку јавни личности меѓу кои: Ана Бунтеска, Бранко Огњановски, Дукица Петрофф и Ѓорче Ставрески.
Книжарницата „Литература.мк” се наоѓа на улица „Македонија”, Скопје.
Нема коментари