Новиот број на „Големото стакло’’ списание за современа уметност, култура и теорија ќе ја има својата официјална промоција утре, 13 февруари, со почеток во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.
Новиот број е фокусиран на постхуманизмот, вклучувајќи есеи, уметнички проекти и извештаи, кои критички дискутираат и презентираат различни гледишта во врска со темата. Изданието е конципирано во три секции поврзани помеѓу себе и именувани како „Постхуманистичка телесност“, каде прилозите се однесуваат на различното поимање на „телото“ во однос на хуманистичката традиција; потоа „Пејзаж на вознемиреност“, каде прилозите посочуваат на релациите на културата со животната средина, екологијата и климатските промени; и последниот тематски дел е „Погледи кон радикалниот хоризонт“, каде се дискутира како постхуманистичките перспективи се вклучени во самиот чин на политиката и културата.
Ова издание на Големото Стакло вклучува ексклузивни прилози на дваесет и двајца автори, меѓу кои, Стеларк, кој е перформативен уметник и преку користењето различни протези и роботика го надоградува своето тело, Сузана Хентрих која ги презентира своите фотографии на девастиран пејзаж и околина на Фукушима, Крис Салтер автор, кој тематизира за проблемот на Техносферата… Понатаму, Сол Њуман професор на колеџот „Голдсмитс“ со дискусија за постанархизмот, Шантал Муф професорка на „Вестминстер“ со текст за критичките уметнички практики, Аманда Боетскиз, професорка на Универзитетот „Гуалф“ со есеј за Постхуманистичката планетарност, Игор Грубич со претставување визуелен проект за поинаков пристап во третманот на животните… Авторите Хегборг и Блумтрит со експериментален проект помеѓу уметноста и биомедицина, Џозефина Бери, предавач на колеџот „Голдсмитс“ со есеј за уметноста и онтолошките контексти како и други автори и содржини.
Главен одговорен уредник на списанието е Тихомир Топузовски. На самата промоција, списанието ќе се продава по промотивна цена.
Нема коментари