Дизајнерката Олгица Ѓоргиева е подеднакво препознатлива по свечените фустани и поедноставените колеции на одредена тема, но се чини дека секогаш подобро ја покажува креативноста кога се изразува преку осовременети креации кои се во комуникација со секодневните потреби на модерната жена. Ова го забележавме вчера на првиот ден на Моден викенд-Скопје, преку нејзината нова колекција Senses (Сетила) наменета за пролет-лето 2016, која е вистинско будење на сетилата и претставува низа на модели кои може да ги задоволат сите аспекти за женската гардероба за оваа сезона – од парчиња за различни секојдневни пригоди, кои допираат неколку тенденции, до посвечени фустани.
Како што ни откри Ѓоргиева „животот претставен преку сетилата на нашата душа, каде што главен мотив се среќава цветот и црвената боја“, е инпирацијата за нејзината нова колекција. Овојпат Олгица престави свежа и колоритна колекција со прочистена линија и елегантни парчиња кои ги доближуваат светските трендови – килот-панталони, бомбер-јакна, миди молив-здолниште, модели со референци на кимоно, реси и нежна тантела, доработени со мотиви на инспирацијата – пролетниот цут. А тој, пролетниот цут на цреша е најавен уште во првиот модел кој ја отвори ревијата, каде што е нанесен како апликација на белото палто со ретро крој. Олгица се навраќа и на постари идеи како вез, сега суптилно употребен, како и свечени тоалети со тул и светки, сега креирани со помодерен израз. Дизајнерката воведува и минималистички стил, што е новина во нејзиниот стил, надоплнет со модернистички накит. (K.T.)
Нема коментари