Изложба на домашни ракотворби, практично претставување на голем број занаети, како и нивното значење и влијание врз квалитетот на живеењето на граѓаните се на програмата на Пролетниот базар на домашни ракотворби 2016, што денеска и утре ќе се одржи на плоштадот Филип Втори во Скопје. Во рамки на оваа традиционална манифестација годинава ќе се промовираат изработките на накит од филигран и монистра, украси, рачни ракотворби, плетиво, изработки од камен и цртање на украси на камења, изработки на производи од филц и декоративни украси и облека од филц, цртање на чаши со македонски мотиви, уникатни изработки на цветни аранжмани од бонбони.
Целта на овој настан е да се истакне значењето на овие кадри за занаетчиството и стопанството, средното стручно образование, практичната обука и стекнувањето вештини и компетенции, а се со цел поттикнување на младите да се запишуваат во средните стручни училишта. Исто така, да се промовираат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и можност за вработување, како и да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производството и поттикне размената на искуства и знаење на занаетчиите, зголемување на продажбата на занаетчиските производи и услуги и зголемување на туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на Скопје. Настанот е во организација на Занаетчиска комора Скопје, а под покровителство на Град Скопје.
Нема коментари