Под мотото „Револуција која почнува во твојата чинија, за правата на животните“, здружението за заштита на животни „Анима мунди“ го најавува петтото издание на „Вегефест“, фестивал кој како што велат организаторите „повикува на хуманост, сочувство, совесност и правичност кон секое живо битие, фестивал со кој се бориме против експлоатација и дискриминација на животните, со кој промовираме здрави, еколошки прифатливи и морално исправни принципи и начин на живеење“.
„Вегефест“ ќе се оддржи во недела, 30 октомври, во Младинскиот Културен Центар, со почеток од 11 часот, а својата богата програма ја завршува доцна навечер. Програмата не била никогаш толку богата и разновидна – едукативна програма и предавања, прекрасна веганска храна, спортски и забавен дел, штандови со веганска храна и продукти, уметничкаизложба за права на животните, концерти на најдобрите македонски алтернативни бендови и музичари до доцна во ноќта, кои на овој начин даваат поддршка на борбата за права на животните: „Мугер Фугер“, Тина, Васко и Дени од „Бернајс Пропаганда“, „Субстандард трио“, „Перија“, Дј Милан Бибановски и Чадик, слеани со огнениот перформанс на акробатите од жонглерското студио Фаз Бабл.
-Свет без насилство е можен, а револуцијата за правата на животните започнува од принципите и животните навики на секој поединец – тоа е основната порака која целиме да ја пренесеме, во соработка со наши бројни пријатели, партнери, учесници на фестивалот кои на „Вегефест“ се приклучуваат волонтерски, за што безрезервно им благодариме. Со „Вегефест“ се обраќаме на совеста на сите, повикуваме на сочувствителност, хуманост и разум, повикуваме да му дадете шанса на животниот стил без насилство, почнувајќи од својата исхрана. Со овие мали чекори можеме да направиме големи и значајни промени за подобро на сите: животните, луѓето, екосистемот и планетата земја. Нашиот апел до секој еден е да не биде пасивен конзумент и да го бојкотира и осуди насилството врз животните со тоа што ќе и даде шанса на веге исхраната – порачуваат организаторите.
Циклус предавања на „Вегефест“
Во рамки на фестивалот ќе се одржат осум предавања со кои ќе се иницираат повеќе теми и дискусии, кои ќе се обидат да понудат одговори на ваши бројни прашања за тоа која исхрана е најсоодветна, здрава, која лекува и е најприродна за нашиот организам, нашето тело и дух, кои се најновите научни сознанија, како најлесно да ги замениме штетните прехранбени навики, како од својата исхрана да извлечеме максимум, во сопствен интерес, но и во интерес на милиони недолжни битија кои се обезвреднети, искористувани, убивани за храна. Свое предавање ќе и има и познатиот моден креатор Никола Ефтимов, кое преку темата „Модна еволуција и револуција за правата на животните“ може да биде силен поттик за пресвртница во модниот свет во Македонија кон бојкот на кожата и крзното и прибегнување кон етички, еколошки прифатливи алтернативи.
Нема коментари