Инспирирани од народните костими и страградската облека, учениците од и текстилната насока на СОУ „Таки Даскало“ од Битола создадоа уникатни 10 креации. Проектот наречен „Моја инспирација“, чиј автор е Наде Геневска Брачиќ, а ментор е Лили Кадинска, ќе биде претставен на 17 јули, со почеток во 20 часот, во малата сала на Музејот на град Битола. Тој е направен во соработка меѓу музеот на град Битола и тектилната насока во „Таки Даскало“, а финансиран од Министерството за култура на Р.Македонија.
Проектот „Моја инспирација“ има за цел да ги реактуелизира традиционалните вештини во изработката на носиите, да ги документира експонатите во музејската збирка на носии во Н.У. Завод и музеј Битола, кои денес претставуваат богато културно наследство и воедно да ги едуцира младите за негување интерес кон традицијата и културата. Почетната едукативна активност со средношколците од СОУ „Таки Даскало“ Битолаги претстави основните кроеви на женска и машка кошула.
-Овие експонати се избрани како основни облековни елементи, преку кои се диференцирал социјалниот статус на поединецот, концептуалната поставеност на везбената орнаментика, симболика и семантика во најзначајниот период на развој на македонската народна носија. Значајно место од крајот на 19 и почетокот на 20 век има и градскиот костим и е претставен со џубе од костимот “ала турка“ (ориентално влијание) и дводелен фустан од костимот “ала франга“ (западно – европско влијание). Со изборот на овие експонати, запознавањето со историско – културните влијанија, нивната функција во минатото, естетско декоративна и семантичко симболична страна, целта е учениците да ги имаат овие традиционални знаења во инкорпорирањето во современиот живот. На овој начин облеките кои ја изгубиле својата функција и денес се само дел од музејските збирки, би биле линк помеѓу минатото и сегашноста и би биле инспирација во креирањето современ израз со мотиви од традиционалното културно наследство- се вели во предговорот на каталогот на авторката на проектот Наде Геневска Брачиќ-етнолог, кустос советник во НУ Музеј на град Битола.
Во проектот, како ментор, се вклучи етаблираната модна креаторка Лили Кадинска, позната по својата етикета „Ле Бренд“.
-Реaлизиравме проект во кој учениците направија нешто за трајните вредности, проект во кој традицијата ја ставија во служба на модерното живеење. Tие не само што го исполнија она што се очекуваше од нив, туку и стекнаа некои животни трајни вредности, како мотивација, вредност, посветеност, одговорност. Ми претставуваше големо задоволство да ги гледам младите и талентирани луѓе како неуморно работат. Тие беа иницијативни, како никогаш досега, самоуверени и жедни за докажување на своите способности. Мојата работа како нивни ментор беше исклучително задоволство. Имаше прекрасни идеи и креативнирешенија, многу од нив останаа само на хартија, но она што е направено е навистина вредно. Ги задоволува сите аспекти на модниот дизајн. Испочитуван е концептот, а парчињата облека освен што имаат дизајн, функционалност и естетика, претставуваат колекција спремна за сериско производство- вели Кадинска.
Таа ни открива дека во рамки на проектот е изработена и една репродукција на дводелен фустан кој припага на периодот „ала франга“ и е во лоша состојба…Свила во фаза на распагање. Таа репродукција е навестување за следна фаза на проектот, а тоа е изработка на репродукции со автентични материјали на поголемиот дел од експонатите во музејската збирка.
Нема коментари