Новоотворениот „Скопје Мериот хотел“, сместен на самиот плоштад во центарот на Скопје, стана место во кое се организираат повеќе настани, меѓудругото и последното издание на Моден викенд-Скопје. Хотелот од познатиот светски ланец за кратко време стана привлечен и за оние кои сакаат да испијат кафе во барот со впечатливиот долг, бел шанк, но и поради „Дистрикт бар и ресторан“ кој ја збогати гастрономската понуда на градот благодарение на новиот концепт и вкусното и единствено мени што се подготвува под будните сетила на главниот шеф на кујна, Питер Татар.
„Дистрикт бар и ресторан“ стана хит збиралиште на скопјани секој петок, со популарните забави кои почнуваат после работа, а често имаат и одредена тема, последниот посветен на „Мовембар“. Деновите кога го посетивме овој ресторан беа во чест на Свети Мартин, па при нашата посета шефот Питер Татар ни понуди нов специјалитет во чест на празникот со патка и гуска – внимателно потготвени и неодоливо вкусни гради од патка и црн дроп од гуска, стилски декорирано со карфиол, тенки парчиња цвекло и пире од тиква. Вистински стилски специјалитет за уредничките на Stylist.mk!
„Дисрикт“ нуди доста невообичаено и импресивно мени, но и дизајнот на ентериерот игра клучна улога во гастрономското искуство – просторот е софистициран и модерно уреден, во бои кои смируваат и нудат топлина, со акцент на жолтата и златната, како и со ефектни детали како полица со тегли зимница, внимателно одбрани чинии и чаши, и пораки и дел од менито испишани на црни табли. Едната табла над шанкот откри цртежи кои илустрираат колку вида на омлет може да јадете овде, за време на нашиот ручек на таблата се смени нов цртеж кој објаснува што може да ручате од оброците подготвени на специјална Josper скара.
Додека го чекавме нашето јадење имавме можност да ѕиркаме како Питер и неговиот професионален тим го подготвуваат деликатесниот оброк кој до последен момент беше изненадување за нас. „Дискрикт бар и ресторан“ веројатно е единствениот ресторан кај нас со отворена кујна што нуди поглед на беспрекорно организираниот шанк, делот за подготовка и свежите состојки.
Конечно ја носат храната на нашата маса, а шефот Питер со поглед како да прашува дали сме задоволни. Прво, се разбира, ги фотографираме чиниите, и проверуваме дали имаме добра фотка за на Инстаграм. Па ја вкусуваме храната и истовремено го прашуваме Питер што точно ни подготвил.
-Ова е главен оброк, гради од патка и црн дроп од гуска, со пире од тиква и додадок од карфиол и цвекло. Мора да се нагласи дека сè што е чинијата е направено од сезонски состојки. Со овој специјалитет предлагам црвено вино, кое многу добро одговара со патката, гуската и цвеклото, кои на некој начин се зимски јадења. Патката се подготвува на специфичен начин, има многу масти во кожата, па се печи во тавче на тивок оган, се топи маста, но не се препекува, месото внатре треба да остане со розеникава боја. На изглед можеби е како говедско месо, знам дека кај вас многу се јаде говедско, но е сосома поинакво гастрономско искуство и нешто многу поразлично. Сличен ваков специјалитет имаме на „менито со гуска“ кое неодамна е воведено во чест на Свети Мартин – ни откри Питер.
Деновиве во „Дистрикт“ се слави празникот посветен на Свети Мартин, кој всушност се чествува на интернационално ниво и тогаш вообичаено се служи гускино месо. Гуската станала симбол на Свети Мартин поради легендата која вели дека кога Свети Мартин се обидувал да избегне да биде ракоположен за епископ, се скрил во кошара за гуски, но бил издаден од гакањето на гуските. Денеска може да вкусите оброци со гускино месо, преку мени кое ќе вклучува стартери, главен оброк, супи и десерти. Но и после деновите посветени на Свети Мартин може да нарачате сличен оброк и специјалитети кои се темелат на источно-европска кујна со метидерански шмек, интерпретирана на нов начин за што е заслужен токму Питер Татар.
Главниот шеф на кујната во „Дистрик“, Унгарецот Татар дошол во Скопје пред десет месеци, кога се отвори „Скопје Мериот“ хотелот, и по искуството во неколкуте франшизни хотели во Феникс, Будимпешта и Амстердам, сега го креира менито во овој ресторан.
-Една од карактеристиките на „Дистрикт“ е fish market, односно секој ден после 17 часот нудиме одлична селекција на риба и морска храна, кои се ставени на мраз и може самите да изберете каква риба сакате да јадете. Вообичаено имаме избор на 5-6 различни риби и ракчиња, кои потоа ги подготвуваме како што вие ќе посакате. Ова е малку необичен начин на служење кај вас, а исто така и начинот на кој готвиме е различен, бидејќи во кујната имаме многу добра опрема која е единствена во Македонија.
Питер ни откри дека во кујната на „Дистрикт“ ги следат рецептите кои се обликувани само за ресторанот, но и дека често тој експериментира со нови состојки, со нови менија, како и со македонските рецепти и тукашните состојки.
-Служиме и македонска храна, на база на вашето месо и колбаси, ама интерпретирани на наш начин. Можеби не е тоа типичен македонски специјалитет, но сепак е комбинација на македонски состојки и европски рецепти.
Му се допаѓаат одредени македонски производи, дел од месото, саламите и сувата пршута, се разбира тавче гравче и печени пиперки, и ќебапите кои иако не се типично македонски, сака да ги проба кога оди на другата страна на Вардар, во чаршија.
-Многу ми се допаѓа ајварот и кајмакот. Го вметнавме кајмакот во менито на „Дистрикт“, но како? Во десерт со дуња! Во основа ја печеме дуњата, со шеќер и суво грозје, таа добива розова боја, па затоа на мените се вика „Пинк“. Во кајмакот се додава ванила, шеќер и кора од лимон за да се направи сладок крем. Ова е многу добра комбинација за која можеби никогаш претходно не сте чуле и не сте ја пробале. Така почнавме да ги коститиме вашите состојки и да експериментираме со нив и да ги вметнуваме во различни специјалитети и ни раскажа Питер.
Предизвикот за вкусување на дуњата со кајмак го оставивме за некој друг ден и уживавме во специјалитетот со паткино и гускино месо во кој може и самите да уживате уште денес во „Дистрикт“. Како што ни кажа Питер, можете сами да зготвите нешто дома, но за да пробате нови специјалитети треба да посетите ресторан. Ние, по искуството во „Дистрик“, топло препорачуваме да го посетите овој ресторан за да вкусите новите специјалитети подготвени на креативен и инвентивен начин.
Нема коментари