Фестивалот на музички документарни филмови Скопје Синема Сити почнува утре, 6 јуни, со ретфестивалска програма која вклучува изложба на фотографии на истакнати македонски џез-музичари на Татјана Ранташа насловена како „Македонска џез-тетика“, како и настап на квинтетот на Гоце Стевковски. Претфестивалскиот настан ќе се одржи утре во Кинотека на Македонија со почеток во 19 часот.
Татјана Ранташа е реномиран фотограф кој зад себе има над 15 години искуство и тоа најмногу со сценска фотографија. Почнувајќи од 2005 година таа е официјален фотограф за издавачките куќи како Авалон, Пасворд, МКЦ-концерти, МОТ, Десонанц фестивалот, а денеска е најчесто ангажирана за Оффест и Скопскиот џез-фестивал како нивни официјален фотограф. „Македонска џез-тетика“ е избор од фотографии од различни генерации на македонски џез музичари почнувајќи од Џијан Емин, Гоце Стевковски, Алек Секуловски, па до Симон Киселички, Мишко Парушев и Владан Дробицки, од Трајко Велков, Бојан Шамба, па до Кирил Кузманов, Кирил Туфајхчиев, од Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, па до Тони Китановски, Кокан Димушевски и многу други.
Настапот на Гоце Стевковски со неговиот квинтет е дел од изложбата. Стевковски е основоположник на Здружението на џез-музичари, организатор на бројни музички џез-каравани низ државата, интегрален член на многу антологиски музички состави и е главен промотор на џез-културата во Македонија.
После изложбата и џез настапот во 20 часот е документарниот филм „Руичи Сакамото: Кода“, а во 22 часот е Blue Note Records: Приказна за современиот џез. Дел од програмата се „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“, како и кратки филмови за Зоран Маџиров и Драган Ѓаконовски Шпато. Фестивалот Скопје Синема Сити се организира во Кинотека на Македонија од 6 до 10 јуни.
Нема коментари