Ко-основачот на <ротор> центарот за современа уметност во Грац, Австрија, Антон Ледерер, на 12 декември ќе одржи предавање во Музејот на современа уметност во Скопје. На настанот, кој е реализиран во соработка со проектниот простор „Прес ту егзит“, Ледерер ќе се фокусира на прашањето за институционалните стратегии: Каква уметност сакаме да презентираме и да произведуваме, и, кому сакаме да му се обратиме преку нашите културни активности? Многу уметнички институции и иницијативи се соочуваат со истата ситуација: добро информирана, но релативно мала посетеност освен од експерти и љубители на уметност. Кои се начините преку кои можеме да ги привлечеме останатите заинтересирани за современа уметност, кои често мислат дека истата е премногу комплицирана и достапна само за искусните познавачи? Антон Ледерер ја следи идејата дека уметничката продукција која е поврзана со личните животни околности на луѓето и ги допира прашањата на денешното општество, може и треба да предизвика поголем интерес во јавноста.
Антон Ледерер е роден во Грац во 1970 година. Во 1994 година започнал со претставување на уметнички проекти наменети за јавноста во сопствениот дом. Заедно со Маргарете Маковец, една година подоцна, првичната иницијатива ја именуваат како „Соба за уметност“, за во 1999 година да го основаат <ротор> центарот за современа уметност во Грац. Визуелна уметност е појдовна точка за нивните програми, со акцент на уметничката продукција која првенствено се занимава со социјални, политички, економски и еколошки прашања на современието. Фокусот на развивање соработки отсекогаш бил суштински елемент на филозофијата на <ротор>, исто како и дејствување во мрежи. Ова се однесува на вмрежување во рамките на уметничката продукција, но, еднакво, и можеби уште поважно, за делувањето вон границите на уметничкото и придвижување кон поголема интердисциплинарност со други области на знаење. Освен тоа, јавниот простор е од големо значење за активностите на <ротор> во кој може да се направи уметноста да ги остави зад себе институционалните ограничувања и активно да се ангажира да ја прошири публика и критичкиот дискурс.
Нивната програма се концентрира на општествена и политички релевантна уметничка продукција, а имаат развиено фокус на соработка со уметничките сцени од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Јавната и општествената сфера игра важна улога во нивните програмски активности, со намера да допрат до публиката која не го преминува прагот на уметничкиот простор, како и да препознае субјекти за општествена трансформација во јавниот простор. Влезот за настанот е бесплатен.
Нема коментари