Телевизиската водителка и поранешна манекенка приватно не сака многу да се шминка, но поради природата на професијата понекогаш тоа го прави скоро секодневно. Тогаш им се препушта во рацете на професионалните шминкери и фризери, од кои понекогаш краде по некоја идеја. Како јавна личност сфатила дека покрај нејзиниот настап, важен е и севкупниот изглед, па сериозно е посветена на негата и грижата на лицето и на телото. Со Бона разговаравме за тоа како се негува, кои се нејзини омилени производи, на кој парфем мириса во моментов и колку е подготвена да направи трансформација на изгледот.
>>Како се грижиш за кожата на лицето и телото?
-Благодарна сум што немам проблематична кожа, не сум имала никогаш, дури ни во тинејџерските денови. Благословена сум со чиста кожа и реално никогаш не сум имала проблем со неа. На негата на лицето внимавам многу, бидејќи постојано сум подложена на многу шминка поради работата, па потребна ми е соодветна нега за да го задржам сјајот и свежината на лицето. Редовно посетувам дерматолог поради освежителни третмани. На препорака на Др. Горица Дачевска, ја користам козметиката за лице на Thalgo која совршено и одговара на мојата кожа. За кожата на телото пак, еднаш неделно правам пилинг за отстранување на мртвите клетки и бидејќи имам малку посува кожа постојано го користам лосионот за сува кожа на „Неутрогена“, а зависна сум од маслото за кожа на „Нивеа“. Обожавам путери за тело и разни миризливи лосиони.
>>Твои омилени козметички производи?
- Крем за лице ThalgoOxygen
- Eликсир за коса Orofluido
- Спреј за коса на Revlon– 10 во 1
- Миризливите лосиони за тело на I love…
- Крем за нега на стапала од Dr. Sholl
>>Колку си вешта во шминкањето?
-Шминкањето не е нешто што ми преставува тешкотија и можам да кажам дека сум поприлично вешта во тоа, впрочем и од секогаш сум била. Сепак, поради работата која ја работам, многу често сум препуштена во раце на професионалци, па со текот на годините „украдов” и по неколку корисни трикови од нив. Инаку приватно не сакам многу да се шминкам.
>>Кој се грижи за твојот изглед пред камера и на јавни настапи?
-За јавните настапи комплетно се препуштам во рацете на Зорица Николова. Тоа е девојка која е неверојатно вешта со своите раце, уметник со невидена дарба и секогаш се восхитувам на нејзината креативност и умешноста да ми го „наслика” лицето. Имам комплетна доверба во неа. За шминката пред камера се задолжените нашите драги шминкерки во Алфа телевизија кои вешто ни ги кријат подочниците и умеат да направат магија врз нашето лице и да изгледаме свежо дури и во 6 часот наутро. Негата на мојата косата пак им е препуштена на професионалците од фризерското студио „Cut &Cut” и морам да признаам дека да не беа тие, до сега ќе останев без коса.
>>Што од козметика постојано носиш во чанта/несесер?
-Лабело, парфем и крем за раце. Секогаш. Без нив не излегувам од дома, без другите работи можам да преживеам.
>>Би ја сменила ли бојата на косата и должина?
-Да! И сум го направила тоа два пати до сега, но само кога за тоа ќе ме охрабри мојот фризер Диме. Тој е единствениот човек кој ме убедил да ја скратам екстремно мојата коса, па така пред неколку години од должината на косата која ја имам сега, ми направи паж фризура која беше доста актуелна тогаш. Тотална трансформација пак ми направи кога од фризура слична на сегашната, ми направи рамни шишки и ме офарба темно кафена, скоро црна. Потоа луѓето имаа потешкотија да ме препознаат, а богами и мене ми требаше неколку дена да се препознаам во огледало. Последниве неколку години сум „мирна” и не експериментирам многу со косата, па во моментов се размислувам за промена на бојата.
>Имаш ли омилен парфем?
-Парфем кој интензивно го користам во последниве неколку години е “Daisy” на Марк Џејкобс. Мислев дека нема никогаш да го сменам, но откако го мириснав Actress на нашата Тања Кокев, ме освои на прва, така што во моментов тој ми е на врвот на листата омилени парфеми.
>Како ја одржуваш фигурата?
-Зависник сум од вежбање, но знам и да направам пауза од неколку месеци, посебно во текот на зимата. Но кога сум физички активна, тогаш е комбинација на џогинг, аеробик и пилатес. Посебно внимание обраќам на абдоминалниот дел и тој е секогаш најфорсиран на моите тренинзи. На исхрана исто внимавам многу, денот не го започнувам без житарки, но во последно време за доручек конзумирам само овес во комбинација со овошје и разни семиња. Практикувам исхрана базирана на протеини, а се трудам да ги избегнувам јаглехидратите и сложените шеќери. Најтешко ми е да им одолеам на чоколадите, бидејќи ми се слабост.
>>Омилен козметички третман…
-Хидрадермија бидејќи ја враќа изгубената хидрантност, сјај и свежина на кожата и прави чуда на моето лице. После третманот кожата изгледа совршено. Уживам и во сите спа-третмани.
>>Правило кон кое се придржуваш кога е убавината во прашање?
-Со текот на годините се уверив дека убавината доаѓа одвнатре. Здравата и добро избалансираната исхрана и тоа како се гледаат на вашата кожа и коса.
>>Пример за бјути-икона?
-Одри Хепберн!
>>Проверен домашен рецепт за нега?
-Многу внимание и посветувам на косата и покрај производите за професионалната нега на косата многу често знам да си направам и домашни третмани. Мед и маслиново масло со едно јајце е благодет за косата и прави чуда за неа, верувајте ми. Измивањето на косата со чај од камилица (за блондинките) го враќа сјајот и живоста на влакното. Доста често практикувам и домашен пилинг за лице и тело од морска сол, мед и лимон.
Нема коментари