Групацијата „Прада“ објави дека ќе престане да користи крзно во своите производи и дизајни почнувајќи од февруари 2020 година. Одлуката се однесува на сите брендови на италијанската модна куќа, вклучувајќи ги и Miu Miu, Church, Car Shoe и Prada. Одлуката ќе стапи на сила почнувајќи со женската колекција за пролет-лето 2020.
Најавата е резултат на соработката со Fur Free Alliance, коалиција на повеќе од 50 организации за заштита на животните од 40 земји, која повеќе години водеше кампања за притисок врз „Прада“ да се ослободи од крзното. „Прада“ исто така работеше и со Humane Society of the United States и со LAV, италијанска организација за правата на животните.
Групацијата „Прада“ со ова покажува општествена одговорност и најави дека ќе се посвети на технологијата и на иновативните материјали кои ќе ѝ овозможат на компанијата да ги истражи новите граници на креативниот дизајн, истовремено задоволувајќи ја побарувачката за етички производи.
Меѓу модните куќи кои изминатиов период се откажаа од употребата на вистинско крзно се „Барбери“, „Версаче“, „Армани“, „Гучи“, „Шанел“, Дона Каран, Мајкл Корс, Џими Чу, „Фурла“, „Ботега Венета“ и Дајан вон Фурстенберг.
Нема коментари