Познатите музички ѕвезди Бијонсе, Ријана, Канје Вест, заедно со Џеј З и Фарел Вилијамс одлучија да се здружат и да го тужат францускиот моден бренд Eleven Paris поради незаконско користење на нивни фотографии во креациите на брендот. Тие вчера поднесоа обвинение во Њујорк и бараат судење. Ѕвездите го обвинуваат брендот дека сторил повеќе од 50 прекршоци, вклучувајќи повреда на публицитетот, намерна повреда на трговска марка и нелојална конкуренција. На познатите музичари не им се допаѓа што Eleven Paris ги користи нивните ликови, имиња и текстови од песни врз маици и модни додатоци кои ги продаваат за профит без нивна дозвола.
Тужителите неколку пати го известиле Eleven Paris нивните ликови да бидат отстранети од креациите, но брендот продолжува да ги продава спорните производи. Во моментов Бијонсе, Ријана и останатите бараат Eleven Paris да престане да произведува било каков предмет на тужителите, како и финансиски да го покријат направениот профит и судските трошоци.
И покрај правните проблеми Eleven Paris е мошне популарен бренд меѓу познатите и модниот свет, па креации на брендот често носат Кара Делевињ, Џесика Алба и блогерката Руми Нили, а како заштитни лица се појавуваат Кејт Мос, Лени Кравиц, а што е многу чудно пролетната колекција ја промовираше сестрата на Бијонсе, Соланж Ноулс.
Нема коментари