Долго време критикувана за своето анатомски некоректно тело, иконската кукла Барби конечно доби трансформација и вчера компанијата „Мартел“ го претстави нејзиниот нов изглед. Барби сега доаѓа во оригиналната форма и во дополнителни три различни тела. Повеќе не е штраклеста и многу слаба, изглед поради кој создава нереална слика за женското тело и поради кој илјадници девојки гладуваа за да го достигнат нереалното, туку Барби сега е со ситна градба, висока или со облини. Покрај оригиналната Барби, куклата ќе се продава во новите три форми, а секоја од формите е достапна во 7 различни бои на кожа, 22 бои на очи, 30 бои на коса, 24 видови на фризури и 14 различни физиономии на лице.
- Барби никогаш не беше дизајниранa за да го реплицира женското тело, таа беше направена како средство за игра. Но, нејзиниот нереален облик на тело долго време беше предмет на дискусија – смета Мишел Чидони, раководител за комуникации во одделот за Барби во „Мател“.
Она што пред 57 години беше замислено како играчка, стана пример за женското тело, иако според Меѓународното списание за нарушување во исхраната, шансите да се биде роден со Барби-тело се помали од 100.000:1, тенката половина на куклата нема да ги собере сите органи, а нејзиниот многу долг и тенок врат лесно ќе се скрши под притисокот од големата глава. Во последните години „Мател“ доби безброј критики поради Барби, па дури и смртни закани, затоа компанијата реши да направи промени.
Барби се најде и на насловната на Time, а во магазинот се објаснува дека новиот изглед се должи на таргетирањето на милениумските мајки, кои се иднината на нивната конзумерска база. Исто така и поради желбата да се поправи лошата репутација што доаѓа со продажбата на супер-слабата кукла.
-Веруваме дека имаме одговорност кон девојките и родителите да претставиме поширок поглед на убавината. Овие нови кукли претставуваат линија што е повеќе одраз за светот што девојките го гледаат околу себе – различните типови на тело, кожа и стил овозможуваат тие да ја најдат куклата што најдобро комуницира со нив – вели Евелин Мацоко, глобален бренд менаџер за Барби.
Нема коментари