Виз Ер Скопски маратон и Авицена Женска трка константно се развиваат
Остануваатуште неколку дена до одржувањето на Авицена Женска трка. Како дел од промотивните трки за Виз Ер Скопски маратон, Женската трка е во организација на Сојуз на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје. Оваа година на 1 април во 09.30 часот, пред фонтана Лотос на булевар Илинден во Скопје ќе се одржи шестото издание на трката.
„На Виз Ер Скопски маратон повторно очекуваме пријавување на голем број натпреварувачи. Моментално имаме околу 4.000 пријави од 46 земји од светот. Многу ни е драго што Виз Ер Скопски маратон е настан кој ги мотивира спортските амбасадори од целиот свет да се запознаат со Македонија. Затоа ја поканивме и Пола Редклиф. Таа прифати да биде дел од Виз Ер Скопскиот маратон. Оваа славна британска атлетичарка, ќе биде промоторка на годинашното издание на маратонот. Пола е актуелна светска рекордерка во маратон со резултат од 2:15:25 поставен во 2003 година. Влијанието на Виз Ер Скопски маратон е големо за промоција на спортот во Македонија и пошироко и тоа ќе може да го видите на 6-ти мај, а и за 4 дена, на 1-ви април“, рече Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон. Тој додаде дека оваа година додаваат и еден музички елемент со цел тркачите да бидат мотивирани на патеката и ги повика радијата да се пријават да бидат дел од Виз Ер Скопски маратон.
„Сакам да упатам апел да се пријават што повеќе жени на оваа женска трка бидејќи како што знаете, жените спортисти во минатото, а и денес биле и се учесници во големи спортски настани и со успех ја истакнале Република Македонија на повеќе меѓународни натпревари. Јас како директор на Агенцијата за млади и спорт ќе продолжиме и во иднина целосно да ја поддржуваме иницијативата за што поголема афирмацијата на жената во спортот“, истакна Дарко Каевски, директорот на Агенција за млади и спорт на Република Македонија.
„Авицена Женска трка има нова патека од 2КМ. Прераснавме во улична трка која ќе се трча на булевар Илинден. Ова го посакувавме со години и сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваат на трката. Благодарение на нив и со тоа што секоја година бројот на натпреварувачки се зголемува успеавме во нашата цел. Исклучително сме задоволни што успеавме да мотивираме многу жени да бидат дел од овој настан кој полека, но сигурно си го зазема местото меѓу спортските манифестации кај нас. Веќе не нè собира во Градски парк. На 1-ви април очекуваме над 1.600 учеснички и сигурна сум дека исто како во минатите 5 години ќе биде забавно и возбудливо“, порача Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје.
Оваа година Виз Ер Скопски маратон воведе новитет во соработка со eventbaxx од Германија. Стартните пакети ќе бидат дигитални, а флаерите и другите материјали пријавените ќе ги добиваат на мејл. Оваа идеја за одржливост и намалување на користењето хартија совршено се вклопува во концептот на Виз Ер Скопски маратон за зачувување на животната средина.
Насловниот спонзор Виз Ер и годинава на секој учесник ќе му додели вредносен ваучер од 20 евра за купување на авионски билети преку нивната официјална страна.
Пријавувањето и регистрацијата за Авицена Женската трка 2018 трае уште денеска, апријавувањето за Виз Ер Скопски Маратонтрае до 27-ми април. Заинтересираните може да се пријават на официјалната веб страна на http://skopskimaraton.com.mk/и http://zenskatrka.mk/ или преку партнерот за онлајн регистрација на Виз Ер Скопскиот Маратон, www.smartrace.club.
Нема коментари