Петтото издание на Неделата на дизајн во Скопје се отвора денеска, 26 ноември, во дизајн центарот Јавна соба. Оваа година на мени ќе бидат сервирани последните достигнувања на младите таленти од Македонија и регионот. Во фокус е изложбата Млади балкански дизајнери, која публиката секоја година со нетрпиение је очекува.
Skopje Design Week и оваа година ќе нуди предавања, работилници за дизајнери и архитекти, детски работилници во голем број, музичка програма, деловни средби и презентации, приготвување на храна, добра забава и можности за деловна соработка. Ново oтворениот центар Јавна соба ќе пулсира во духот на дизајнот и бизнисот предводен од We and Nature, Завар дизајн, Kонструкта, Виталиа и други млади македонски извозно ориентирани компании.
Фестивалот кој се смета за еден од катализаторите на развојот на дизајн секторот во Македонија донесе голем успех во поглед на формирање на нови домашни брендови и нивна застапеност надвор од државните граници. Сцената е активно градена 5 години и од тие причини оваа година ќе бидат претставени преку 30 македонски брендови, што е најголем успех досега.
Балканската дизајн мрежа која минатата година се формираше на СДВ ќе направи отворена презентација каде ќе ги претстави бенефитите за дизајнерите од регионот. Гости на програмата се Маја Лалиќ, уметнички директор на Миксер Белград и Јелена Матиќ од факултетот за дизајн од Белград.
Овогодинешната програма стави значителен акцент на најмладите генерации и се подготвија 8 работилници за деца и тоа за фотографија, изработка на производи за домот, ментална гимнастика за деца, до неуролингвистичко програмирање за деца.
Меѓу новитетите се стрип катчето кое е продукт на Комик стрип организацијата, a првонаградените стрипови од овогодишниот конкурс ќе бидат изложени, како и платформата „Добар проект” која има за цел да не` ангажира сите нас во поддршка на талентираните деца во Македонија.
Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на едно долгорочно издание на дизајн фестивал во Скопје. Откако Македонија конечно доби физички простор за развој на дизајн сцената, резултатите се очекува да излезат брзо на виделина. Следат 365 дена на активности преку кои ќе се зајакнува дизајн продукцијата и ќе се позиционираат младите брендови надвор од државата.
Нема коментари