Мадам Карвен, француската кутуриерка која што го пропатува светот со своите колекции во кои ги внесуваше егзотичните влијанија, почина вчера во Париз на 105-годишна возраст. Доајен на една генерација во која спаѓаат Кристијан Диор и Пјер Балман, Мари-Луиз Карвен-Грог, родена како Кармен де Томасо, својата модна куќа ја основа во 1945 година со цел да ги облекува жените слични на неа, ниски и со ситна градба. Во почетокот беше една од ретките жени кутуриери во Париз, покрај Елза Скјапарели и Коко Шанел. Карвен фаворизираше едноставни конструкции и чисти линии, воведувајќи удобност и слобода во креациите. Се смета за еден од пионерите на претапорте модата. Во нејзино време во Париз сè се вртеше околу високата мода, ексклузивна, скапа и направена по мерка, таа заедно со неколку колеги кутуриери, Жак Фат, Роберт Пиже, Жан Десе и Жан Пакин во 1950 година го иницираа концептот претапорте со што клиентите ќе може да добијат модна креација многу побрзо.
Карвен организираше модни ревии насекаде во светот. Денес нема ништо чудно во тоа „Шанел“ да има ревија во Сеул или „Луј Витон“ во Палм Спрингс, но Карвен е првата што презентираше колекции во Египет, Тајланд, Мароко, Куба, Бразил, Сингапур и Мексико. Од овие патувања се враќаше полна со инспирација и етно рефренци кои ги вметнуваше во својот дизајн. Го патентираше градникот Sylvène, еден од првите пушап-градници. Ги облекуваше Едит Пјаф, Мишел Морган, Лесли Керол, а Брижит Бардо на својата венчавка со Жак Шарие во 1959 година облече нејзина креација и го популаризираше фустанот со розово-бели коцки. Се пензионира дури на 84-годишна возраст. Нејзината модна куќа е возообновена во 2008 година, во првите години креативен директор беше Гилом Анри, а од оваа година за „Карвен“ дизајнираат Алексис Мартал и Адриен Калјодо. (К.Т.)
Нема коментари