Првата дама на „Модна полиција“ на E!, легенда во забавната индустрија, првата жена водител на вечерно токшоу на американската телевизија, пионер на женската стендап комедија, комичарка со повеќедецениски телевизиски стаж, Џоан Риверс, вчера почина на осумдесет и едногодишна возраст, една недела по компликациите настанати за време на рутинска операција на гласните жици. Неуморна до крај, вечерта пред операцијата имала стендап настап во театар во Њујорк, а некаде по полноќ била на пријатна вечера исполнета со смеа во друштво на свој долгогодишен пријател.
„Која е поентата од носење глупави костими, кога Џоан не е тука да ги искритикува“, напиша Кети Пери на својот профил на „Твитер“, а со пораки ја испратија уште илјадници познати холивудски личности, колеги, пријатели, па дури и оние што добиле ужасна критика од Риверс во нејзината емисија „Модна полиција“. Џоан можеби не го измисли црвениот килим и потребата на публиката да дознае кој во чиј фустан е облечен, ама секако воведе нов начин на известување од црвениот килим на најважните филмски и музички награди.
Без скрупули, но со остра духовитост и врвна досетливост, кон средината на 90-тите почна да го коментира изгледот на познатите. Извесен период ги водеше емисиите од серијалот „Во живо од црвениот килим“, а во 2010 година ја почна емсиијата „Модна полиција“ на каналот E!. Заедно со Кели Озборн, Џон Костиопулос и Џулијана Рансик и несосмено со својата остроумност и горчлива критика го смени лицето на модата и го најави подемот на она што денес се нарекува стилист на познатите. Оштра на јазик, но една од ретките што најмногу се шегуваше на своја сметка. Публиката ја засмејуваше повеќе од 50 години, сè до последниот ден!
Нема коментари