Основачот на модната куќа „Живанши“, легендата на француската мода, и кутуриерот аристократ Ибер де Живанши, почина на 91-годишна возраст, во својот ренесансен замок блузи Париз. Веста ја потври неговиот партнер, дизајнерот Филип Вене, а потоа и официјално ја соопштија од модната куќа.
Ибер де Живанши твореше во златното доба на елеганцијата. Роден е во 1927 година во француското гратче Бове. Во семејството иако имало уметници, неговиот прадедо работел костими за во театар, таткото на Ибер, маркизот од Живанши, сметал дека син му треба да биде адвокат. Но, младиот Ибер брзо ги напуштил студиите по право и се префрлил на уметност. Својата модна куќа ја основал во 1952 година, постигнал успех и многу нарачки уште со првата колекција, а веќе следната година ја запознал актерката Одри Хепберн, неговата муза и пријателка до крајот на нејзиниот живот.
Првата соработка меѓу Ибер и Одри е филмот „Сабрина“ за кој Живанши ги креирал костимите, а ќе стане култна и заедничката работа на „Доручек кај Тифани“. Кој не ја знае онаа фамозна фотографија со Одри како јаде кроасан пред излогот на „Тифани“, облечена во црн фустан и со бисерен ѓердан… Црниот фустан е секако креација на Ибер де Живанши.
Одри и Ибер ќе дружат во следните 40 години, а дизајнерот ќе креира за неа постојано, а некои од тие креации ќе останат забележани во модата. Во текот на кариерата ќе креира за и Џеки Кенеди и принцезата Грејс од Монако. Познат по екстремната елеганција помешана со париски шик изглед и хируршката прецизност, дизајнерот дизајнира ткаенини за опремување хотели и парфеми. Првиот парфем, l’Interdit, е посветен на Одри.
Во 1988 година Ибер го продава својот бренд на компанијата LVMH, а од модната писта се повлекува во 1995 година. На негово место во куќата доаѓа Џон Галијано, а потоа како главен дизајнер на брендот се менуваат Александар Меквин, Џулиен Мекдоналд, Рикардо Тиши, и од неодамна Клер Вејт Келер. Кога пред неколку месеци дизајнерката стана главен дизајнер на модната куќа, првата работа што ја побарала била да се сретне со основачот.
Ибер де Живанши минатата година се појавил на отворањето на изложба во негова чест во Музејот за тантела и мода во Кале, кога изјавил: „Среќен сум што ја имав работата за која сонував уште како дете“.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари