Габи Агион која ја основа модната линија „Клое“ во 1952 година, почина во саботата на 28 септември во нејзиниот дом во Париз на возраст од 93 години. Нејзината смрт ја потврди нејзиниот син Филип денот по нејзината смрт. Иако не толку познато име како некои од дизајнерите на нејзината модна куќа, како Карл Лагерфелд и Стела Макартни, Агион ја играше примарната улога во создавањето на помалку формалниот ready-to-wear дел во модата. Таа воведе сензибилитет на работна жена во индустријата, кој соодветно го надополни со храброст и хумор.
Агион е родена како Габриел Ханока во 1921 во добро ситуирано еврејско семејство во Александрија, Египет. Се стекнува со француско образование и се вљубува во модата преку нејзината мајка, која своите фустани ги работи кај шивачка стилизирани по пример на фотографии од француските магазини. Имигрира во Париз заедно со сопругот, Рејмонд Агион, нејзината детска љубов, и тие веднаш стануваат дел од интелектуалната сцена на Левиот брег по Втората светска војна.
„Еден ден му реков на мојот сопруг дека не сакам повеќе да живеам со негови пари“, изјави таа за интервју кое беше дел од еден краток филм за неа. Купува памучен поплин и изработува шест фустани, именувајќи ја нејзината младешка модна линија по пријателка.
„Во тоа време јас бев опкружена со пријатели интелектуалци. Ги забавуваше тоа што јас верував во сево ова. ’И’ даваме две недели дека ќе се откаже’, велеа тие. Но јас цврсто верував и се држев до тоа.“
Првата модна ревија Агион ја одржа во 1956 година, за време на појадок во париското кафуле Cafe de Flore, кое важи за збирно место на младите париски интелектуалци. Бутиците сакаа да го стават името на својот бренд на нејзината облека, што беше вообичаена пракса во тоа време, „но јас ја имав дрскоста да побарам марката „Клое“ да остане,“ велеше таа, и така започна да го гради својот бренд.
Со текот на годините, „Клое“ беше позната по своите младешки и едноставни дизајни. „Таа внесе дух на предизвик за жените да ја одржат својата женствена моќ, што беше многу важно тогаш, и подеднакво и сега,“ изјави Клер Вајт Келер, сегашен креативен директор на брендот „Клое“.
Филип Агион, кој е професор по економија на Харвард, изјави за својата мајка дека „сакаше жените да бидат способни да живеат и работат во своите фустани.“
„Таа веќе ги гледаше жените онака какви што се тие сега, но тоа беше во 50тите, кога жените едвај работеа. Таа имаше идеја за жените која беше многу поразлична од идејата која преовладуваше во тие времиња,“ вели тој.
Агион во средината на 60-тите години го ангажира Карл Лагерфелд, а подоцна и му ја отстапи водечката улога, а годините на нивна соработка го претставуваат врвот на „Клое“. Агион го продаде својот дел во „Клое“ во 1985 година, но ги одржа блиски своите врски со куќата, која е сега дел од „Рихемонт“, швајцарски конгломерат за луксузни добра. Нејзиниот маж почина во 2009 госина, а освен нејзиниот син, зад себе остави и два внуци, меѓу кои и Михаела, која денес е бизнис-аналитичар во „Клое“.
Нема коментари