Легендарниот француски моден фотограф Патрик Демаршелие почина вчера, 31 март, на 78-годишна возраст, на островот Свети Бартоломеј (Сент Бартс). Информацијата семејството ја сподели на неговиот Инстаграм профил, тој зад себе ги остави сопругата Миа, синовите Густаф, Артур и Виктор, и трите внуци.
Препознатлив по балансирањето на елеганцијата и природната спонтаност, покрај модни фотографии, Демаршелие работеше портрети и фотосесии со познати личности и холивудски ѕвезди, а познат е и како омилениот фотограф на принцезата Дајана.
Роден во Ле Авр, Франција, Демаршелие бил самоук. Во едно интервју призна дека не размислувал за кариера како фотограф, иако не планирал, тоа се случило. Како тинејџер Демаршелие ја добил својата прва камера како подарок од својот очув и добро ја искористил снимајќи свадби и фотографии за пасош. На 20 години се преселил во Париз каде нашол работа како асистент на фотографите Ханс Фејер и Анри Картие-Бресон. Откако ги ѕсовршил своите вештини како моден фотограф, се преселил во САД во 1975 година и го отворил своето прво американско студио.
Не му требаше долго време за да најде слава, а неговата работа се појавува во големите модни списанија ширум светот. Меѓу неговите работодавци низ годините беа Harper’s Bazaar, Vogue, Teen Vogue, Vanity Fair, Elle, Rolling Stone и Allure. Снимаше и кампањи за брендови како Шанел, Келвин Клајн, Ралф Лорен, Таргет, Диор, Ревлон, Ланком, Луј Витон, Ив Сен Лоран….
Направи и безброј портрети на холивуски и музички ѕвезди, редовно соработуваше со Мадона, а имаше посебен однос со принцезата Дајана и често ја фоографираше за разни списанија.
Но, неговото име беше оцрнето во 2018 година, кога познатиот тим на „Спотлајт“ на Бостон Глоуб објави на листа од 25 професионалци во модната индустрија обвинети за сексуално недолично однесување. Тој ги отфрли обвиненијата како неточни, но како одговор, Конде Наст, издавачот на Vogue, ги прекина работните врски со него.
Нема коментари