Kреацијата наречена „She-Edward“, направена од копчиња од тастатури, најлонски јажиња, патенти и кабли, која ја дизајнираа учениците од СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје, го освои првото место на шестото издание на Trash Fashion Macedonia што се одржа деновиве во Младинскиот културен центар – Скопје. На натпреварот на модни креации направени со редизајнирани материјали од отпад, кои ги изработија тимови од 38 средни училишта во Македонија, на второто место се најде училиштето ДУЦОР „Партенија Зографски”од Скопје, со креацијата „Мајкл Џексон“ изработена од најлон, картон, селотејп, изолир траки, хартија. Третото место отиде во рацете на СОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Крушево кои се претставија со креацијата „Кралица Елизабета“изработена од отворачи за лименки, пластични кеси, хартија и жица. Наградниот фонд го обезбедија „Божиновски“ и Еуро-Екопак ДОО кои доделија вредносни ваучери на победничките тимови.
Училиштата на сцената со настапи од по 60 секунди се претставија со модни креациина тема „Филмски и цртани ликови“ меѓу кои Ѕвончици, Пепелашки, Спајдермен, Ѓаволот носи Прада, Малефисиенти и многу други изработени од различни видови отпад: пластични кеси, хартија, жици, старо компјутерско столче. Годинава,тричленото жири во состав: Бранислава Јанковска– Fashion Lover, Катарина Ивановска –светски познатата манекенка и Бојан Трајковски –фронтменот на музичката група “Eye Cue” избраа првите три места.
Trash Fashion Macedonia 2016 е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и e дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ а се оддржува по повод 5-ти jуни- Светскиот ден на животната средина и е единствен настан во регионот од ваков вид, кој веќе пет години по ред предизвикува огромно внимание во домашаните и странските медиуми.
Нема коментари